• среда, 27 ноември 2024

„Фанк шуи“ се македонските финалисти на „ХЕМИ“ музичките награди

„Фанк шуи“ се македонските финалисти на „ХЕМИ“ музичките награди
Скопје, 15 март 2021 (МИА) - Еден од најпрогресивните македонски музички состави - „Фанк шуи“, моментно актуелен со песната „Не Време”, се наоѓа меѓу деветте финалисти номинирани за „ХЕМИ“ музичките награди (ХМА). Се работи за нова програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво. Од вкупно 285 европски таленти од Средна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бенда од 9 држави, меѓу кои беа избрани и македонските „Плутос даутс“, „Фанк шуи“ и „Ју“. Во вториот круг, со гласовите од жирито, влегоа само „Фанк шуи“, заедно со уште осум европски бендови. Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации „ХЕМИ”, е составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари. Во втората фаза на наградите, финалистите ќе добијат персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментор - стручњак во областа на музичката индустрија, кој ќе биде назначен согласно потребите на секој бенд. Заедно со обуката овозможена од „ХЕМИ”, деветте финалисти ќе изработат материјал кој ќе го претстават за време на „ХМА” сесијата во живо, а последната фаза на наградите е во јуни, кога ќе се изберат тројца победници. Покрај „Фанк шуи“, меѓу 9-те финалисти се наоѓаат и пејачот и баскер „Том Артваy” од Чешка, нордиското електро-поп трио од Естонија “Ај вер експеримент”, алт-рокерите од Грција „Деф рејдио”, блуз-бендот „Вудсток барби” од Унгарија, „гараж-рок“ триото, сопственик на еден од најдобрите српски албуми за 2020 година - „Догс ин Кавала”, полскиот квартет „Изи енд д Блек трис”, првата Јутјуб сензација во Романија „Луција” и словенечката „Коала воис” кои одлично ја комбинираат „независната музика“ со рок и поп-звукот од 1970-тите. си/

Остани поврзан