• четврток, 26 декември 2024

Фалсификувани лекови ќе се откриваат со новата опрема на Фармацевтскиот факултет

Фалсификувани лекови ќе се откриваат со новата опрема на Фармацевтскиот факултет

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Новата софистицирана опрема на Фармацевтскиот факултет во Скопје ќе се користи за научни цели во повеќе области на фармацијата, како и за откривање на фалсификувани лекови, што е и дел од стратегијата на Република Северна Македонија за борбата против фалсификување лекови.

Ова, меѓу другото, беше истакнато на денешната презентација на новата лабораториска опрема и резултатите од научно-истражувачките проекти, што имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија.

Покрај деканот на факултетот Зоран Стерјев, обраќање пред присутните имаа и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, како и ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова.

- Станува збор за пет научно истражувачки проекти на Факултетот, а вредноста на набавената опрема изнесува 450 илјади евра, изјави деканот на Факултетот, Зоран Стерјев.

Набавената опрема овозможува и имплементација на нови стандардни аналитички постапки од областа на молекуларна биологија, генетика и фармакогенетика.

Премиерот Ковачевски рече дека држава која инвестира во науката, инвестира во својата иднина, раст и развој, инвестира во образовани кадри кои се конкурентни во светски рамки. 

- Заложбите на Владата се да образуваме кадри, но, не да ги образуваме кадрите за извоз, туку да работат тука во нашата држава. Драго ми е што бев информиран од деканот и професорите овде на фармацевтскиот факултет дека новата опрема со која се прават навистина софистицирани анализи како што се користи во практични цели, се користи и во научни, со оглед на тоа дека резултатите од истражувањето се користат за научни истражувања на професорите, но и за подготовка на дипломски, докторски, магистерски студии на студентите кои студираат на овој престижен факултет, рече премиерот.

Тој кажа дека за првпат по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи и одобрени се седум проекти од јавен научен интерес во износ од над 300 илјади евра на седум јавни научни установи во државата. 

- Спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории и акредитација на лаборатории за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа во рамките на кој се одобрени вкупно 44 апликации за финансирање. Дел од овие одобрени проекти се и проектите на Фармацевтскиот факултет, а лабораториите кои работат овде се сертифицирани согласно сите светски и европски стандарди и можат да работат на истражувања кои важат во ЕУ и во другите развиени држави. Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70 отсто е учеството на државата во реализацијата на проектите, истакна Ковачевски.

Министерот Шаќири рече дека МОН преку посебен Конкурс финансиски ја поддржа набавката на опремата и реализацијата на овие проекти со над 23 милиони денари.

-Повеќе високообразовните и научните установи во изминатите две години добија средства за набавка на современа лабораториска опрема, а дел добија и средства за финансирање на научни проекти од посебен јавен интерес и за сето тоа одвоивме над 240 милиони денари. Ова се средства со кои ја поддржуваме работата на научно - истражувачките работници и го стимулираме развојот на науката, подвлече министерот.

Факт е, како што кажа Шаќири, дека само со висококвалитетни истражувачки капацитети можеме да генерираме нови знаења, да поттикнеме иновации, да развиваме проекти со научно значење, но и со придонес за економскиот раст и развој на државата.

-Верувам дека новите ресурси на Фармацевтскиот факултет успешно ќе ги користат, не само истражувачи од матичниот факултет, туку и од целиот Универзитет и оти овие лаборатории ќе произведат следни генерации врвни фармацевти и научници, на кои ќе бидеме горди и кои ќе придонесат за просперитет и благосостојба на нашата држава, нагласи Шаќири. бд/ев/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан