Факултетот за ветеринарна медицина почнува со имплементација на проект на ОН за справување со антимикробната резистенција
- Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје (ФВМС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) почнува со имплементација на проектот MAK5012 „Надградба на националните капацитети за мониторинг на антимикробната резистенција кај животните“, одобрен од Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) при Обединетите нации, со што се прави голем и стратешки исчекор во зајакнувањето на националните капацитети за справување со антимикробната резистенција - еден од најсериозните глобални предизвици на современото време.
Скопје, 13 јануари 2026 (МИА) - Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје (ФВМС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) почнува со имплементација на проектот MAK5012 „Надградба на националните капацитети за мониторинг на антимикробната резистенција кај животните“, одобрен од Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) при Обединетите нации. Со овој проект, како што наведуваат од Факултетот, се прави голем и стратешки исчекор во зајакнувањето на националните капацитети за справување со антимикробната резистенција - еден од најсериозните глобални предизвици на современото време.
Проектот, чиј главен координатор е проф. д-р Искра Цветковиќ, европски специјалист по ветеринарна микробиологија, претставува исклучително значајна инвестиција во износ од 384.680 евра, распределени во тригодишен циклус од 2026 до 2028 година, наменета за темелна модернизација и трансформација на лабораториските капацитети на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје. Преку набавка на најсовремена технологија и опрема за дијагностика, надзор, епидемиологија и типизација на резистентни бактериски соеви, како и преку специјализирани обуки и научни посети во реномирани меѓународни дијагностички центри, проектот ќе овозможи значително унапредување на националната експертиза и институционална подготвеност во борбата против антимикробната резистенција.
Еден од клучните и најзначајни резултати од спроведувањето на проектот е воспоставувањето ннационална база на податоци за антимикробна резистенција, која ќе претставува централен столб на националниот систем за надзор. Преку дигитално собирање, долгорочно складирање и анализа на метаподатоци за сите тестирани изолати, базата ќе овозможи креирање и спроведување државни политики и одлуки засновани на научни докази, во согласност со интегрираниот пристап „Едно здравје“, кој ја поврзува заштитата на здравјето на луѓето, животните и животната средина.

- Со имплементацијата на овој проект Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје станува носечки столб во националниот систем за надзор на антимикробната резистенција. Преку заштита на здравјето на животните и безбедноста на храната, ФВМС директно го имплементира концептот „Едно здравје“ обезбедувајќи долгорочна заштита на јавното здравје“, истакнаа од ФВМС.
Антимикробната резистенција веќе претставува реална и сериозна закана за глобалното здравје. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја шеста бактериска инфекција во светот е отпорна на антибиотици, а само во 2019 година антимикробната резистенција била директно одговорна за 1,27 милион смртни случаи, со речиси пет милиони смртни случаи поврзани со резистентни инфекции. Проекциите укажуваат дека до 2050 година овој број може да достигне и до 10 милиони смртни случаи годишно, што дополнително ги нагласува итноста и важноста на ваквите инвестиции.
- Овој проект е стратешки одговор на глобалната здравствена криза. Преку јакнење на националниот систем за мониторинг и преку примената на концептот „Едно здравје“ создаваме основа за навремено препознавање, разбирање и контрола на антимикробната резистенција во корист на сегашните и идните генерации - изјави проф. д-р Цветковиќ.
Со овој проект Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје при УКИМ ја зацврстува својата позиција како врвен и единствен национален капацитет во областа на ветеринарната медицина и се етаблира и како регионален лидер во дијагностиката и истражувањето на антимикробната резистенција придонесувајќи кон исполнување на целите за одржлив развој на Обединетите нации и обезбедување посигурна и поздравa иднина за сите.вј/вг/
Фото: Факултет за ветеринарна медицина - Скопје