• среда, 22 јануари 2025

Ушаков: Русија е подготвена на разговори со САД доколку добие сигнали од Вашингтон

Ушаков: Русија е подготвена на разговори со САД доколку добие сигнали од Вашингтон

Москва, 21 јануари 2025 (МИА) - Русија е отворена за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт доколку од Вашингтон дојдат соодветни сигнали, изјави денеска помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.

Тој додаде дека Москва се уште не добила конкретни предлози од Вашингтон за телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.

„Нашиот претседател, исто така, забележа дека и покрај медиумските информации за намерата на претседателот Трамп да организира телефонски разговор со нас, од Вашингтон сè уште не пристигнале конкретни предлози во врска со тоа“, изјави Ушаков по разговорите на Путин со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Според него, Русија, како и Кина, е подготвена да соработува со САД доколку тимот на американскиот претседател покаже реципрочен интерес.

„Имаше подготвеност кај двете страни да ги градат односите со САД на заемна корисна основа, со взаемно почитување, доколку тимот на Трамп навистина покаже реципрочен интерес за ова“, рече Ушаков.

Тој додаде дека претседателите на Русија и Кина посветиле значително внимание на прашањата од трговската и економската соработка и изразиле задоволство од стабилната динамика на економската соработка во контекст на западните санкции, особено во трговската, финансиската, енергетската, индустриската, транспортната и инвестициската сфера, како и во нови области на соработка, како што се вештачката интелигенција, квантната физика и иновативните материјали.

Помошникот на рускиот претседател изјави дека разговорот на Путин со кинескиот претседател преку видео врска траел еден час и 35 минути и се одвивал „како и секогаш, во пријателска атмосфера“.

Според него, Путин и Си разговарале за плановите за заедничка работа во 2025 година, кога ќе се одбележи 80-годишнината од победата во Втората светска војна.

„Оваа година и кај нас и во Кина ќе биде одбележана 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна, победата над Јапонија и крајот на Втората светска војна. Кинеската страна ќе одржи настани посветени на 80-годишнината од победата над Јапонија и крајот на Втората светска војна. Овие настани ќе се одржат на 3 септември во Пекинг, а рускиот лидер доби покана да учествува на нив“, изјави Ушаков. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан