• вторник, 24 декември 2024

Училиштето „Наум Охридски“ во Булачани добива нова спортска сала по над 50 години

Училиштето „Наум Охридски“ во Булачани добива нова спортска сала по над 50 години

Скопје, 8 август 2024 (МИА) - По повеќе од 50 години, основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани, добива нова училишна сала. Вкупната инвестиција изнесува 26 милиони денари, беше кажано попладнево, откако градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, извршија увид во активностите за изградба на салата.

- Инвестициите во образованието се инвестиции во иднината. Сакам да најавам реализација на нови два проекта во делот на образованието. Наскоро започнуваме со изградба на нова училишна зграда за основното училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто и изградба на нова училишна спортска сала за Подрачното одделение во Црешево. Исто така, оваа година го продолжуваме и проектот за бесплатни униформи за сите 6.800 ученици коишто учат во училиштата на територијата на општина Гази Баба и со овој проект сакаме да ги надминеме оние социјално-економски разлики на учениците додека престојуваат во училиштата, изјави Стефковски.

Министерката пак, информираше дека во следните три години, во план е да се изградат 28 нови спортски сали низ државава.

- Психофизичкото здравје на децата е многу значајно, особено во ера на телефони, паметни таблети, потребно е тие и да си ја развиваат сопствената моторика, да развиваат спортски дух што подразбира и натпревари и дружење и да поминуваат повеќе време заедно меѓусебно дружејќи се и социјализирајќи се, додаде Јаневска.

Како што нагласи министерката, целта е да се задржат тука, „оние кои ќе создаваат за себе и за сопствената држава“.

- За жал, годинава имаме пад на бројот на упис на првачиња во државата за околу 500-ини во споредба со мај претходната година. Ако сакаме да ги задржиме и учениците и родителите во сопствената земја, каде дефинитивно ќе им биде најдобро и каде дефинитивно ќе можат најдобро да се реализираат, ние мора да посветиме внимание на целото образование, смета министерката. бд/са/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан