• среда, 27 ноември 2024

Училиштата каде што ќе се гласа на изборите, на 23 април и 7 мај ќе работат до 11 часот

Училиштата каде што ќе се гласа на изборите, на 23 април и 7 мај ќе работат до 11 часот

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови, соопшти Министерството за образование и наука.

Деновите на изборите, средите 24 април и 8 мај 2024, се неработни за сите училишта. МОН денеска во сопштение наведува дека и покрај овие два неработни дена, наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочува  МОН.

МОН во соопштението потсетува  на утврдените календари според кои наставната година за учениците од средните училишта ќе трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни, така што учебната година нема да биде продолжена поради двете неработни среди. 

Со одлука на Владата од седницата во вторникот, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај  ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат. хс/са/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан