• понеделник, 23 декември 2024

Ученици и млади од Северна Македонија ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“ во Атина

Ученици и млади од Северна Македонија ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“ во Атина

Атина, 22 септември 2024 (МИА) – Ученици и млади од над 190 земји, меѓу кои и Северна Македонија од 26 до 29 септември, во Атина, ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“, а учесниците годинава ќе се фокусираат на темата „Хранење на иднината“, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за годишен натпревар што се нарекува и роботска олимпијада, а нашата земја како и во изминатите години ќе биде дел од светскиот собир што оваа година се одржува во грчката престолнина.

Македонскиот тим, според официјалната страница на „FIRST Global Challenge“, го сочинуваат учениците од средното училиште „Георги Димитров“, Димитриј Митковски, Елени Трпковска, Давид Маневски, ученикот Тимотеј Николовски и Марко Јанкуловски од средното училиште „Јахја Кемал“, како и студентот и програмер Јаков Спировски и електроинженерот Ален Куљеван.

За овогодишната мисија на натпреварот, во кусото официјално претставување, Димитриј во име на македонскиот тим вели дека станува збор за едно од клучните прашања со кои се соочува светот, со оглед дека 735 милиони луѓе во светот се соочуваат со глад, а тие ќе имаат задача да најдат одржливи решенија преку инженерството, да направат револуција во земјоделството и производството на храна „за да се гарантира дека никој нема да остане гладен“.

Грција за првпат го организира годишниот натпревар по роботика на иницијатива на Министерството за дигитално управување, а заменик-министерот Константинос Киранакис рече дека е голема чест за земјата и напорно работеле за да бидат „домаќини на најдобрите светски умови преку нивните 198 репрезентации“.

„FIRST Global“ е американска непрофитната организација што има за цел да ги инспирира и поттикне младите умови преку науката, технологијата, инженерството и математиката.

- Со обединувањето на младите иноватори од целиот свет за да се фокусираат на клучните прашања како што се безбедноста на храната и одржливоста, ги негуваме вештините и вредностите потребни за создавање порамноправна и хармонична иднина. Атина, со својата богата историја на интелектуална и културна размена, е совршен амбиент за овој глобален настан, рече Дин Камен, основачот на „FIRST Global“.

За четврток вечер закажано е свеченото отворање на „FIRST Global Challenge“ на историскиот антички олимписки стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина со настап на групата „Блек ајд пис“ и парада на сите учесници, додека пак во петок наутро ќе започне натпреварувањето и ќе трае до недела.

Според организаторите, овогодишниот предизвик „Хранење на иднината“ ги инспирира учесниците да ја искористат својата креативност и критичкото размислување за да дизајнираат и изградат робот. Тимовите ќе мора да управуваат со својот робот во симулиран свет кој ја нагласува сложената и меѓузависна врска помеѓу системите за вода, храна и енергија, додека ги балансира овие глобални ресурси за да поддржи одржлив систем за храна.

Велат „FIRST Global Challenge 2024 е повеќе од натпревар, таа е прослава на креативноста, генијалноста и духот на соработка на младите луѓе од секој агол на светот“, а учениците ќе се сретнат во Атина за да ги споделат своите идеи и решенија и ќе имаат „заедничка цел да изградат одржлива иднина за храна за сите“.

Од 2017 година кога FIRST Global Challenge се одржа во Вашингтон се промени системот и се следи примерот на Олимписките игри, со што секоја година домаќин е различен град.

Во изминатите години домаќини на светските натпревар по роботика, освен Вашингтон, беа Мексико (во 2018 година), Дубаи (2019 година), Женева (2022 година) и Сингапур (2023 година). ср/аа/

Фото: FIRST Global Challenge

Остани поврзан