• сабота, 23 ноември 2024

Во Солун средба на бизнис делегации од Северна Македонија и Грција

Во Солун средба на бизнис делегации од Северна Македонија и Грција

Атина, 12 јуни 2024 (МИА) – Можностите за проширување, продлабочување и зајакнување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција, ќе ги разгледаат бизнис делегациите на двете земји на утрешната средба во Трговско-индустриската комора во Солун (ЕВЕТ), јави дописничката на МИА од Атина.

Од ЕВЕТ соопштија дека ќе бидат домаќини на бизнис-делегација од 30 бизниси предводени од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, кои ќе се одржат приватни средби (B2B) со претставници на грчки бизниси со цел разгледување на можностите за нови соработки.

Компаниите од нашата земја се од различни области во трговскиот, индустрискиот и услужниот сектор, како што се енергетиката, градежништвото и ИТ технологии.

Од грчка страна, според информациите на дописничката на МИА од Атина, се очекува да учествуваат 15-20 бизниси, а станува збор за прв ваков состанок во последните години.

Според Стопанската комора на Северна Македонија, бизнис форумот го организираат двете комори „согласно приоритетите на годишната програма на Асоцијацијата на Балкански комори за продлабочување на регионалната економска соработка“ и во рамки на Проектот: „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој се спроведува во партнерство со УСАИД.

-Целта на посетата на македонската бизнис делегација и организирањето на билатералните деловни средби е понатамошно интензивирање на економските релации помеѓу двете земји, како и воспоставување нови, повисоки облици на соработка, осознавање на заедничките деловни интереси, развивање на идни партнерства помеѓу компаниите од повеќе различни сектори согласно пројавениот интерес, соопштија од СКСМ.

Состанокот, согласно официјалната агенда, ќе започне со поздравни обраќања на претседателот на СКСМ Бранко Азески и првиот потпретседател на ЕВЕТ Емануил Влахојанис, по што ќе следи и панел-дискусија на тема „Отворени перспективи и можности за соработка: Начини за унапредување на економската и трговската соработка меѓу Грција и Северна Македонија“ на која ќе говорат директори н солунското пристаниште, како и претставници на царинските управи на двете земји.

Потоа, предвидени се билатерални бизнис средби.

Од Трговско-индустриската комора во Солун, како што објави МИА на крајот на април, упатија повик до грчките бизниси заинтересирани да одржат средба со нивните македонски колеги, а ист повик беше објавен и од Стопанската комора.ср/са/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан