• сабота, 04 јануари 2025

Утре вонредна седница на Советот за национална безбедност на Црна Гора

Утре вонредна седница на Советот за национална безбедност на Црна Гора

Подгорица, 2 јануари 2025 (МИА) - Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ свика вонредна седница на Советот за национална безбедност за утре, 3 јануари, поради трагичниот настан што се случи на Цетиње.

На седницата, која ќе започне во 14 часот, ќе присуствуваат главниот специјален обвинител Владимир Нововиќ и високиот државен обвинител Милорад Марковиќ.

Советот ќе дискутира за итни мерки за откривање и конфискација на нелегално оружје, јакнење на безбедносните институции и подготовка на нов Закон за оружје со построги контроли за издавање дозволи.

„На дневен ред ќе биде и јавниот конкурс за нови полициски службеници, како и проценка на примената на актуелните закони,“ се наведува во соопштението.

Во Црна Гора, денеска е првиот ден од тридневната жалост по убиството на најмалку 12 лица во Цетиње на првиот ден од 2025 година.

Осомничениот за ова повеќекратно убиство и ранување на најмалку четири лица Ацо Мартиновиќ се самоуби. Тој почина при транспортот кон болница. 

Здравствената состојба на тројца ранети во пукањето во Цетиње е стабилна, но нивните животи се уште се во животна опасност, додека четвртиот е во критична состојба, соопштија утрово лекари од Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица (КЦЦГ), каде што на повредените им е укажана помош. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан