• вторник, 24 декември 2024

Уставниот суд на 18 јануари ќе одлучува за уставноста на одлуката на парламентот за разрешување на Мета

Уставниот суд на 18 јануари ќе одлучува за уставноста на одлуката на парламентот за разрешување на Мета
Тирана, 17 ноември 2021 (МИА) – Уставниот суд на Албанија  на 18 јануари 2022 година ќе расправа за прашањето за уставноста на одлуката на парламентот за разрешување на шефот на државата Илир Мета. Прашањето за разрешување на претседателот стигна до Уставниот суд, откако 104 пратеници во албанскиот Парламент гласаа за разрешување на претседателот Мета во јуни годинава, но според Уставот по одлуката мора да се произнесе Уставниот суд. Социјалистите, кои ја покренаа иницијативата, го обвинуваат Мета за јавните изјави пред и за време на кампањата на парламентарните избори одржани на 25 април годинава, кои според нив поттикнале насилство и сериозно го прекршил Уставот. Потоа беше формирана анкетна комисија, која подготви извештај што беше доставен до законодавниот дом и изгласан и од пратенците од опозиција. Во извештајот се констатира дека претседателот Мета прекршил повеќе од 10 члена од Уставот, што, според социјалистичкото мнозинство, довело до недостаток на гаранција за национално единство со тоа што застанал на страната на опозицијата пред изборите на 25 април, поттикнувајќи нестабилност и насилство. Доколку уставните судии одлуката на Собранието ја оценат законска, претседателот Мета мора да ја напушти високата функција без да го заврши својот петгодишен мандат, кој изминува на 24 јули 2022 година. Од друга страна, Мета во континутет ја оценува анкетната комисија за незаконска, а одлуката на Собранието за негово разрешување неуставна. Тој, синоќа во интервју за Ора њуз рече дека без разлика на резултатот од парламентарните избори на 25 април и без разлика на политичката ситуација или проблеми во државата, тој ќе биде на функција до 24 јули 2022 година. -Претседателот бил и останува на функцијата. Неговото однесување, неговите ставови биле и ќе бидат до 24 јули диктирани од околностите во кои ја врши својата дејност, секогаш со почитување на Уставот на Република Албанија, рече Мета. Мета порача дека сега задача на парламентот е да ја врати демократијата на уставниот колосек од кој „излегоа Собранието и многу институции во февруари 2019 година“. вт/сд/

Остани поврзан