• сабота, 23 ноември 2024

Уставиот суд нема да одлучува за барањето на Апасиев за повреда на правото на политичко дејствување, а ја отфрли и иницијативата на Трајанов

Уставиот суд нема да одлучува за барањето на Апасиев за повреда на правото на политичко дејствување, а ја отфрли и иницијативата на Трајанов

Скопје, 5 јули 2023 (МИА) - Уставниот суд нема да одлучува за барањето на пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев за иницијативата за повреда на правото за политичко дејствување. На денешната седница на Уставниот суд беше предложено да се одржи јавна расправа по оваа иницијатива, но предлогот не доби мнозинство гласови поради недостаток на судии. Нема да биде поведена постапка и за иницијативата на Павле Трајанов од ДС за Изборниот законик односно за фаворизирање на четири партии. 

- За барањата за заштита на слободи и права од подносителот Димитар Апасиев не се одлучуваше за наводите туку имаше предлог за закажување на јавна расправа, но тој предлог не доби потребно мнозинство со оглед на тоа дека, ќе потсетам по којзнае кој пат, дека во Уставниот суд недостасуваат двајца судии, нешто што ја отвора можноста да има неусогласеност кога имаме гласање, рече Беловска. 

Апасиев во барањето навел дека претседателот на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот бидејќи не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум. Според него, повредено му биле уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Апасиел навел и дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти.

Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за иницијативата на Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, во врска со Изборниот законик, со кој се фаворизираат четири партии и не се обезбедени услови за рамноправен политички натпревар.

- Уставниот суд не најде основи за оценување на уставност на она што е оспорено и Изборниот законик останува во сила, информираше портпаролката на Уставен суд Христина Беловска. 

Со иницијативата Трајанов бараше укинување на законски решенија со кои на две партии од власта и две партии од опозицијата им се обезбедува 90 проценти од медиумскиот простор, финансирање на изборна кампања, простор за реклама, како и во целина финансирањето на партиите преку партиски институти итн. 

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации затоа што веќе Судот во мај одлучи да не се поведе постапка за овој Закон.

-Тој Закон останува во примена, истакна Беловска.   

Подносител на ова барање беше Здружение на граѓани „Македонско-бугарско пријателство”, според кое Законот го ограничува основањето на организации и нивниот упис во соодветниот регистар со називот, името или скратеното име на организацијата, што претставува ограничување на едно од основните уставни права.

Во однос на иницијатвата на оценување на статус и програма на Здружението на граѓани на културните вредности на македонските бугари Цар Борис трети Охрид, одлучено е да се отфрли со оглед на тоа дека не постои во Централниот регистар. ев/лв/

МИА ФОТО: Архива 

Остани поврзан