• сабота, 23 ноември 2024

Урошевиќ: Чест ми е што можам да се придружам на врвната плејада поети

Урошевиќ: Чест ми е што можам да се придружам на врвната плејада поети

Скопје, 27 август 2023 (МИА) - Tрадиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година, македонскиот поет Влада Урошевиќ, се одржа вчера вечер во црквата „Св. Софија“ во Охрид во присуство на претседателот Стево Пендаровски, како и пред бројни гости од земјава и од странство.

Влада Урошевиќ е третиот македонски венцоносец, поет од третата повоена македонска поетска генерација и единствен македонски поет што трипати ја има добиено наградата „Браќа Миладиновци“.

-Ја сметам за исклучителна привилегија можноста да ги читам моите песни во овој древен храм. Сводовите на „Света Софија“ охридска ги носат во своето речиси илјадалетно сеќавање спомените на многу јазици, култури, религии. А последниве педесетина години, благодарение на широчината и на толерантноста на Македонската православна црква, на молитвите упатени кон христијанскиот Творец, искажани на македонски јазик, им се придружуваат, еднаш годишно, во вечерта посветена на носителот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, и песните на поетите дојдени од сите страни на светот...Ми претставува особена чест што можам да се придружам на врвната плејада поети чијшто глас останал во меморијата на ова свето здание, истакна лауреатот Урошевиќ.

Своја беседа одржа проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, која истакна дека Урошевиќ е еден од најавтентичните поетски гласови под македонското поетско небо, а и пошироко.

-Влада Урошевиќ и самиот е лик-лавиринт, исклучителен интелектуалец-ерудит, чудесно љубопитен, аристократски дух, инспирација и пример за младите генерации, несекојдневна личност што ја обележува не само македонската, туку и европската книжевна сцена од втората половина на 20-от и првите две децении на 21 век. Поет космополит, еден од најавтентичните и најоригиналните гласови во нашата поезија, претставник на генерацијата современи македонски поети – модернисти, најинвентивната во поглед на поетскиот јазик и израз, генерација што трајно ја определи физиономијата на нашата поезија како „европска појава“, рече Капушевска-Дракулевска. 

Поезијата на Урошевиќ, нагласи, не е затворена во строго национални рамки, туку е дијалошки свртена кон европското (и светско) културно и цивилизациско наследство. 

-Неговите стихови пулсираат во ритамот на магијата, но и на „заумниот јазик“ на руските футуристи или на „фонетските песни“ на дадаистите, се хранат со архетипските и со алхемичарските симболи, носат траги од онирички, митолошки и ритуално-магиски слики, се напојуваат од научни и од псевдонаучни (алтернативни) сознанија, се препуштаат на тајните, мистични сили на природата во стилот на руските симболисти, создаваат „места на меморија“ (градот, куќата, библиотеката, театарот и музејот се чести топоси кај Урошевиќ) како израз на космогониски чин на средување на светот, но и атмосфера на катастрофичност што управува со урбаниот хаос по углед на германските експресионисти, истакна Капушевска-Дракулевска.

Традиционалното поетско претставување на годинешниот лауреат заврши со концерт на бендот „Баклава“.

Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“, а свеченото затворање ќе се одржи утревечер на Мостот на поезијата.вј/

Фото: СВП

Остани поврзан