• понеделник, 23 декември 2024

Ураганот Хелена ја погоди Флорида, најмалку три жртви

Ураганот Хелена ја погоди Флорида, најмалку три жртви

Мајами, 27 септември 2024 (МИА) - Најмалку три лица загинаа во невремето кога ураганот Хелена ги погоди САД, најсилниот досега што ја погодил областа Биг Бенд на Флорида.

Хелена синоќа стигна во северозападна Флорида како бура од четврта категорија. 

Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека Хелена синоќа ја погодила областа во близина на реката Аусила во областа Биг Бенд во Мексиканскиот залив. Брзината на ветрот била 225 километри на час.

Поради Хелена властите издадоа предупредувања за урагани и поплави кои се проширија во северна Џорџија и западна Северна Каролина. Повеќе од милион домови и фирми останаа без струја на Флорида и повеќе од 50.000 во Џорџија.

Гувернерите на американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Алабама, Каролина и Вирџинија прогласија вонредна состојба во нивните држави.

Една жена загина на Флорида кога сообраќаен знак паднал врз нејзиниот автомобил, а две лица загинале во јужна Џорџија.

Издадени се наредби за евакуација долж брегот на Заливот во ниските области околу Талахаси, Гејнсвил, Седар Ки, Лејк Сити, Тампа и Сарасота на Флорида.

Националната метеоролошка служба прогнозираше бури и предупреди дека тие би можеле да бидат „катастрофални“ во заливот Апалачи, во близина на брегот на Флорида. Училиштата во округот и неколку универзитети ја откажаа наставата, а аеродромите во Тампа, Талахаси и Клирвотер се затворени.

Метеоролозите предвидуваат дека Хелена најверојатно ќе ослабне додека се движи кон внатрешноста, но дека силните ветрови и дождот ќе се прошират на јужните Апалачки планини, каде што ќе биде можна и појава на лизгање на земјиштето. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан