• сабота, 23 ноември 2024

УНИЦЕФ ја повика Русија да го запре присилното префрлање деца од Украина

УНИЦЕФ ја повика Русија да го запре присилното префрлање деца од Украина

Женева, 8 февруари 2024 (МИА) - Комитетот на Обединетите нации за правата на детето (УНИЦЕФ) денеска ја повика Русија да го запре насилното пренесување деца од окупираните територии на Украина, бидејќи, како што наведува, тоа е кршење на меѓународното право, и затоа бара да ги врати на нивните семејства.

УНИЦЕФ, во својот извештај за Русија, нагласува дека Москва треба да обезбеди податоци за точниот број на деца земени од Украина и каде тие во моментов се наоѓаат, за да можат да бидат идентификувани и вратени.

Комитетот, исто така, соопшти дека Русија треба да се погрижи ниту едно дете да не биде лишено од украинската националност и дека нивниот идентитет, име и семејни односи мора да бидат зачувани.

Русија ги отфрли обвинувањата за присилна депортација на деца, велејќи дека тоа е само заштита на децата кои биле изложени на ризик во зоната на конфликтот.

Киев наведува дека досега 20.000 деца се однесени од Украина во Русија без согласност на нивните семејства или старатели, а Меѓународниот кривичен суд (МКС) бара апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради наводната незаконитост на депортациите.

Минатиот март МКС издаде налози за апсење на Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова под обвинение за незаконско депортирање деца од Украина.

Главниот обвинител на МКС притоа кажа дека Русија префрлила „најмалку стотици“ деца од сиропиталишта во окупираните региони на Украина.

Кремљ ги отфрли наводите на МКС како „безобразни и неприфатливи“. сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан