• сабота, 23 ноември 2024

УНИЦЕФ: Расте загриженоста заради колерата во јужна Африка

УНИЦЕФ: Расте загриженоста заради колерата во јужна Африка

Женева, 17 јануари 2024 (МИА) - Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) изрази загриженост за епидемијата на колера која со месеци беснее во источна и јужна Африка.

До средината на јануари во 13-те погодени подрачја беа регистрирани околу 200.000 случаи на болеста и повеќе од 3.000 смртни случаи. 

Регионалната директорка на УНИЦЕФ, Етлева Кадила изјави дека ова е една од најлошите епидемии на болеста во последните години, јави  ДПА.

Според УНИЦЕФ, има случаи во сите провинции на Зимбабве. Ситуацијата е особено тешка во Замбија, каде девет од десет провинции се погодени од епидемијата на колера. Повеќе од половина од заболените деца се на возраст под 15 години.

Земјата штотуку прими 1,4 милиони дози од оралната вакцина против оваа болест опасна по животот.

-Епидемијата претставува големо оптоварување за здравствениот систем на погодените земји и укажува на слабости во хигиенската инфраструктура, рече Кадили.

Колерата е предизвикана од бактеријата Vibrio cholerae, која произведува токсин во цревата. Храната и водата за пиење загадена со измет или повраќање од болни луѓе се главните причини за ширење на болеста.

Обилните врнежи предизвикани од метеоролошкиот феномен Ел Нињо ја влошија достапноста на чиста вода за пиење во неколку земји во регионот во последните месеци.

Сепак, УНИЦЕФ посочува дека влијанието на епидемијата врз децата не е поврзано само со здравјето.

-Проблем е и прекинот на наставата во училиштата, додаде Кадили.

Во Замбија, на пример, по божиќните празници, наставата нема да започне до 29 јануари за да се избегне ризикот од инфекција. 

-Како што започнува новата учебна година во многу земји во регионот, од клучно значење е да се воведат мерки за заштита на децата од инфекција во училиштата, предупреди Кадили.

Многу случаи се асимптоматски, а во потешки случаи губењето на течности и сол во телото може да доведе до прекин на циркулацијата, мускулни грчеви или шок и смрт во рок од неколку часа. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан