• петок, 08 ноември 2024

Унифицирани рекламни табли за угостителските и услужните објекти во Стариот дел на Охрид

Унифицирани рекламни табли за угостителските и услужните објекти во Стариот дел на Охрид

Охрид, 5 октомври 2023 (МИА) – Општина Охрид почна со процедурата на етапно стандардизирање и визуелно унифицирање на урбаната опрема поставена на најатрактивните локации низ градот.

Претставници на локалните власти се на терен во Стариот дел на градот, каде е предвидено некаде осумдесеттина угостителски објекти, занаетчиски работилници, сместувачки капацитети и други субјекти што обавуват туристичка и услужна дејност да добијат унифицирани рекламни табли.

Станува збор за типизирани табли што ќе бидат изработени од дрво и ковано железо, а кои ќе бидат идентични за сите објекти, што треба да го измени односно подобри изгледот на тој дел од градот. Трошоците за изработка на таблите ќе ги покрие Општината од буџетот.

Првично унифицирани табли ќе добијат објектите на просторот пред  црквата „Св. Софија“, улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“ и плоштадот „Св.Климент Охридски“. Потоа такви табли  би требало да бидат поставени и на деловните објекти во чаршијата долж улицата „Св Климент Охридски“, како и плоштадот „Крушевска Република“ со краците што водат кон булевар „Туристичка“ и дел од чаршијата до пресекот со улицата „Гоце Делчев“.

Рекламните табли се изработени согласно Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема што на почетокот на годинава им беше презентиран на сите субјекти од туристичката и услужната дејност, а го пропишуваат видот, типот, категориите и карактеристиките на стандардизирана и визуелно унифицирана урбана текстура, урбан мобилијар и утилитарни објекти.

Самиот процес на унифицирање на унифицирањето на урбаната опрема во репрезентативниот дел на Охрид ќе се одвива постепено. Тој предвидува и унифицирање и на тендите пред угостителските објекти, што ќе треба да бидат усогласени по боја и изглед. Согласно финансиките можности, ќе се уредува осветлувањето во стариот дел на градот со стандардизирани и унифицирани канделабри, што треба да ги заменат посточеките што се со слабо осветлување. Потоа е предвидено поставување клупи, канти за отпадоци, отстранување на старите бандери и висечките жици, уредување на запуштените сандачиња од електричната мрежа...

Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема на локациите беше усвоен од страна на Советот на Општина Охрид минатата година и е изработен согласно одредбите од Законот за градење, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културно наследство и Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. аб/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан