• сабота, 23 ноември 2024

„Унит“ Куманово го поздрави предлог законот за материјално обезбедување на стечајците

„Унит“ Куманово го поздрави предлог законот за материјално обезбедување на стечајците
Куманово, 16 јули 2021 (МИА) - Надлежните од здружението на стечајни работници „Унит“ Куманово, денеска го поздравија новиот предлог закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Претседателката на здружението, Лилјана Ѓеоргиевска, рече дека со овој предлог закон ќе се згрижат дополнителен број на стечајци, оние на кои им недостигаа по неколку дена, недели или месеци за да бидат опфатени со претходните решенија. - Радува фактот што се опфатени наши колеги на кои им недостигаа неколку дена, неколку месеци за да бидат материјално обезбедени. Со добрата соработка со Владата, сега бројката ќе се зголеми накај 14.000 стечајци, изјави Ѓеоргиевска. Според, податоците на здружението, најголем број стечајци со новиот предлог закон има од Куманово, Велес и Штип. Претходно, од Владата информираа дека со овој предлог-закон се зголемува опфатот на дополнителни 1.100 стечајци кои ќе добијат можност да остварат месечен надоместок во износ од 9.242 денари, односно 34 проценти од просечната месечна нето-плата исплатена по работник претходната година. Од „Унит“ очекуваат бројот на стечајци во Куманово со новиот предлог закон да се зголеми и да опфати околу 2.000 лица.ам/бт/

Остани поврзан