• сабота, 23 ноември 2024

Укинувањето на еден од двата дневника во градинките се прави со измени во Законот за детска заштита кои се во подготовка

Укинувањето на еден од двата дневника во градинките се прави со измени во Законот за детска заштита кои се во подготовка

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека за укинување на еден од двата дневника (книжен и електронски) потребни се измени во Законот за детска заштита. 

-Укинувањето на една од двете можности се прави со законска измена, затоа што водењето на двата дневника е дел од законската регулатива, односно од Законот за детска заштита. Во процес сме на една поголема измена на Законот за детска заштита, каде што веќе е вклучена оваа измена. Штом ги завршиме измените на Законот за детска заштита, ќе ја овозможиме и оваа измена, рече Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање на годишниот министерски состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“. 

Прашана кога ќе бидат отприлика готови измените и дополнувањата на Законот, Тренчевска истакна дека не сака да прејудицира, затоа што, како што рече, медиумите се врзуваат за датуми кои ги кажува, но посочи дека штом завршат со процесот на измени и дополнувања, ќе информираат. 

На новинарско прашање дека градинки се жалат оти не можат да се вклучат во системот на е-дневник, министерката потенцира дека системот работи и немаат пријава од градинките дека има проблем.

-Системот работи. Можеби може да има некоја поединечна градинка или ако интернетот кај нив е слаб. Меѓутоа, немаме пријава од градинките дека има проблем со влегувањето во системот на е-дневник, рече Тренчевска. фф/бак/

Фото: МТСП

Остани поврзан