• сабота, 23 ноември 2024

Унгарија до 2030 година ќе инвестира до 16 милијарди евра во енергетскиот сектор

Унгарија до 2030 година ќе инвестира до 16 милијарди евра во енергетскиот сектор
Будимпешта, 6 септември 2022 (МИА) - Унгарија сака до 2030 година во енергетскиот сектор да инвестира до 16 милијарди евра, со цел да ги зголеми капацитетите за производство и складирање на електрична енергија и да ја намали потрошувачката на гас. За ова денеска информираше министерот за технологија и индустрија Ласло Палковиќ. Според долгорочниот договор, потпишан лани, Унгарија од Русија добива 3,5 милијарди кубни метри гас годишно, преку Бугарија и Србија, плус една милијарда кубни метри низ гасоводот од Австрија. Договорот со „Газпром“ е склучен на 15 години. Во јули Владата на премиерот Виктор Орбан го укина повеќегодишното ограничување на цените на комунални услуги за домаќинства со поголема потрошувачка. Тоа, како што тврди Палковиќ, веројатно ќе ја намали потрошувачката. Сепак, треба да се вложи повеќе труд, нагласи министерот, за уделот на гасот во вкупната потрошувачка на енергија во Унгарија да се намали од минатогодишните 35 на 26 отсто на крајот на деценијата. Најголем дел од тоа подобрување, како што додаде министерот, ќе произлезе од големата електрификација. - Сегашната ситуација дефинитивно е мотивирачка од неколку причини, посочи тој на конференција организирана од порталот со финансиски вести, портфолио.ху. Според министерот, до 2024 година инсталираните капацитети за користење соларна енергија ќе достигнат осум гигавати, со дополнителна побарувачка од индустрискиот сектор до 2030, што бара дополнителни инвестиции во реорганизација на електричната мрежа и капацитети за складирање енергија. - Развојот на електроенергетската мрежа и складишните капацитети близу соларните електрани не се на ниво на кое би требало да бидат, подвлече тој. Министерот најави подетални планови во октомври. Тој кажа и дека планираниот проект за проширување на капацитетот може да го продолжи рокот на употреба на реакторот во нуклеарната електрана Пакс за две децении. бд/сд/

Остани поврзан