• среда, 27 ноември 2024

Унгарија ги прекршила правилата на конкурентност на ЕУ со замрзнување на цените на храната, оцени Судот на правдата

Унгарија ги прекршила правилата на конкурентност на ЕУ со замрзнување на цените на храната, оцени Судот на правдата

Брисел, 12 септември 2024 (МИА) - Со одлуката со која во Унгарија беа утврдени фиксни цени на основните прехранбени производи се поткопува фер конкуренцијата регулирана со правилата на ЕУ, оцени денеска Европскиот суд на правдата. 

Судот смета дека со унгарскиот декрет од 2022 година, со кој се бараше од трговците на мало да продаваат одредени прехранбени производи по фиксни цени, Будимпешта ја прекршила Регулативата за заедничка организација на пазарите на ЕУ. 

- Дури и ако се претпостави дека со оспорената владина уредба се штитат загрозените потрошувачи преку гарантирано снабдување со основни прехранбени производи по пристапни цени и се справува со инфлацијата, тој декрет го надминува она што е неопходно за да се постигнат тие цели, се вели во пресудата. 

Унгарскиот Врховен суд побара од Судот на правдата на ЕУ да се произнесе по тужбата на унгарската подружница на австрискиот трговски ланец „Шпар“, поради одлуката на унгарските власти за изрекување парична казна на компанијата поради непочитување на декретот. 

Со декретот, кој беше во сила една година, беа ограничени цените во малопродажбата за шеќерот, пченичното брашно, сончогледовото масло, свинското месо, живината, млекото, јајцата и компирите, како дел од мерките на украинската Влада за справување со рекордно високата инфлација во 2022 година. 

Судот на правдата во денешната пресуда оцени дека мерките воведени од властите во Будимпешта за справување со зголемените цени не се соодветни и дека предизвикале „нарушување во синџирот на исхрана и го поткопале слободниот пристап на операторите до пазарот, што е загарантирано со Регулативата за заедничка организација на пазарите“, со која се регулира производството и трговијата на поголемиот дел од земјоделскиот сектор во ЕУ. 

Коментирајќи ја одлуката на Судот, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергеј Гујаш изјави дека Владата на Унгарија не е изненадена од одлуката. Тој нагласи дека со декретот била ограничена цената на храната и тој бил применуван само за ограничен период. 

Инаку, ова не е единствен случај „Шпар“ да реагира на пазарните интервенции од страна на унгарската Влада. На почетокот на годинава „Шпар“ достави жалба до Европската комисија тврдејќи дека трговците на мало во Унгарија што се во странска сопственост подлежат на повисоки даноци од нивните унгарски конкуренти. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан