• сабота, 23 ноември 2024

„Уметноста на реалноста“, сценаристичка работилница на Еирини Дермицаки во рамките на „КинеНова#9“ 

„Уметноста на реалноста“, сценаристичка работилница на Еирини Дермицаки во рамките на „КинеНова#9“ 

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Во рамките на актуелното издание на „КинеНова“, во тек е сценаристичката работилница со Еирини Дермицаки, која се одржува во Домот на култура „Билјана Беличанец“ од 16 до 19 октомври.

На повикот, финансиски поддржан од ЕУ и Институтот „Гете“, се пријавија седум учесници со кои грчката сценаристка и режисерка деновиве активно работи во рамките на фестивалот.

Работилницата е наменета за автори или студенти кои сакаат да стекнат дополнително искуство во пишувањето и да развијат автентичност и емоционална длабочина при раскажувањето на својата филмска приказна, преку трансформирање на вистинските приказни во привлечни сценарија за кратки филмови. Токму затоа, провокативниот текст гласи: 

- Имате идеја и страст за раскажување на филмски приказни во краток формат и ви требаат алатки за пишување за да развиете добро сценарио? Отклучете ја моќта на раскажувањето приказни кои произлегуваат од реалниот живот и вистинити настани преку учество на фокусирана работилница за пишување сценарија, посветена на создавање или развој на приказни за кратки филмови, инспирирани од вистинити настани, вистински луѓе и различни животни искуства, посочуваат од Киненова. 

Еирини Дермицаки е родена во Грција. Студирала глума, дигитален филм и магистрирала креативно пишување на Универзитетот „Тисајд“ во Англија. Нејзините драми „Птичја фобија“ и „Анџелета и Етелвина“ (финансирани од Советот за уметност на Англија) се поставени во театрите во Лондон. Има објавено 6 книги. Некои од нејзините претстави се поставени во повеќе театри во Грција. Таа пишува сценарија за кратки филмови, а работи и како сценарист за ТВ серијата „Остави не’ сами, мамо“. Таа предава креативно пишување од 2017 година во Грција и Англија во различни организации (Chelsea London Theatre, American College, Katapacti, Federation of the Blind и др.). Во 2023 година беше избрана од Националниот театар на Грција да напише претстава за тинејџери за „Theatre and New School“. ев/вј/

ФОТО: Киненова 

 

 

Остани поврзан