• вторник, 01 октомври 2024

Улуташ: КФОР е подготвен да спречи секаква ескалација и да се справи со секој безбедносен предизвик

Улуташ: КФОР е подготвен да спречи секаква ескалација и да се справи со секој безбедносен предизвик

Приштина, 30 октомври 2024 (МИА) – Командантот на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, Озкан Улуташ вели дека КФОР има добри ресурси и е добро позициониран за да спречи каква било ескалација и да одговори на секој безбедносен предизвик, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за новинската агенција КосоваПрес, Улуташ оценува дека безбедносната ситуација на Косово е мирна, но кревка, додавајќи дека КФОР продолжува со нејзино внимателно следење.

-Генерално, ситуацијата на теренот е мирна, но и понатаму е кревка. КФОР ја следи ситуацијата. Тој е буден и добро позициониран да одговори на секој понатамошен релевантен развој, во согласност со долгогодишниот мандат на ОН да придонесе за мирна и безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат во Косово и за слобода на движењето, во секое време и на непристрасен начин, подвлекува Улуташ.

Турскиот генерал додава дека мисијата на Северноатлантската алијанса е добро поставена за да одговори на секое безбедносно сценарио.

-Ние сме добро позиционирани да одговориме на секое безбедносно сценарио и да продолжиме ефикасно да го спроведуваме нашиот мандат од ОН. Постојано ги следиме сите релевантни случувања кои можат да влијаат на безбедноста низ Косово и регионот... КФОР има добро ресурси и е добро позициониран да спречи ескалација и да одговори на секое безбедносно сценарио, во согласност со нашиот мандат од ОН, рече Улуташ.

На годишнината од терористичкиот напад во Бањска кај Звечан во северно Косово, каде беше убиен припадник на косовската полиција, командантот на КФОР вели дека очекуваат сторителите да понесат одговорност.

-Ги осудивме неприфатливите насилни напади во Бањска и ќе продолжиме да инсистираме сторителите да бидат повикани на одговорност и изведени пред лицето на правдата, изјави Улуташ, кому овој месец му завршува мандатот на чело на КФОР. мс/

Остани поврзан