Украина поканета на Самитот на НАТО што ќе се одржи во Хаг месецов
- Украина доби покана за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, пренее ДПА.

Вилнус, 2 јуни 2025 (МИА) – Украина доби покана за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, пренее ДПА.
- Поканети сме на Самитот на НАТО. Мислам дека тоа е важно, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Поканата била упатена за време на неговата средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Вилнус. На министерот за надворешни работи, Андриј Сибиха, му е дадена задача да ја подготви средбата.
Зеленски не кажа дали тој самиот ќе отпатува во Холандија. Самитот на земјите-членки на воениот сојуз НАТО е закажан да се одржи во Хаг за нешто помалку од три недели.
Зеленски денеска на Х информира за средбата со Руте на кого му се заблагодарил за поддршката од Алијансата.
- Го информирав за договорите постигнати за време на денешните разговори во Истанбул во врска со размената на затвореници и враќањето на децата, како и за одбивањето на Русија на најосновниот можен чекор – безусловен прекин на огнот. Само значително зголемен притисок може да го промени овој став, напиша Зеленски.
Тој додаде дека со Руте разговарале и за следните дипломатски чекори и одбранбената поддршка за Украина.
- Нашиот фокус е на зголемување на нашите способности за долг дострел. Исто така, важно е Украина да биде соодветно претставена на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Тоа ќе испрати вистински сигнал до Русија, нагласи украинскиот претседател. јт/
Фото: Зеленски на Х