• понеделник, 23 декември 2024

Украина нема да го продолжи договорот за транзит на руски гас по 2024 година

Украина нема да го продолжи договорот за транзит на руски гас по 2024 година

Киев, 27 август 2024 (МИА) - Украина нема да го продолжи договорот за транзит на руски гас, но е подготвена да ги разгледа барањата на европските компании, соопшти претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

- Никој нема да го продолжи договорот со Русија. Ова прашање е завршено. Што се однесува до транзитот на гас од други компании, ако остане барањето од нашите европски колеги, ние ќе ги разгледаме нивните предлози, изјави Зеленски.

Тој додаде дека не знае за што разговарал рускиот лидер Владимир Путин со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, за време на неговата посета на Баку. Азербејџан испорачува природен гас до ЕУ и други земји од Европа преку систем од гасоводи што поминуваат низ Турција, Грција, Бугарија, Македонија и Албанија.

Како што беше објавено, „Нафтогаз Украина“ нема да го продолжи договорот за транзит на руски гас и во моментов бара алтернативни решенија за поддршка на функционирањето на украинскиот гаснотранспортен систем.

Сегашниот договор за транзит на руски гас преку Украина е валиден до крајот на 2024 година.

Европската комисија не планира да преговара со Русија за продолжување на транзитот на руски гас кон европските земји преку гаснотранспортниот систем на Украина и информираше дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за понатамошно откажување од рускиот гас. Останатите купувачи на руски гас во Централна Европа (Словачка, Унгарија и Австрија) работат на алтернативен увоз. ссм/

фото: архива

Остани поврзан