• сабота, 23 ноември 2024

УКИМ му додели средства на ФМУ за подобрување на условите за студентите

УКИМ му додели средства на ФМУ за подобрување на условите за студентите

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) за потребите на Факултетот за музичка уметност издвоил 3.384.000 денари, од кои дел ќе бидат поддршка на обновата на концертната сала на ФМУ наменета за студентите.

УКИМ информира дека со обновена концертна сала студентите ќе може „да се изразуваат и да ги покажат своите таленти пред јавноста, како и да се стекнат со сценско искуство, кое е од исклучително значење за нивниот кариерен развој“.

-Освен тоа, обезбедена е и посебна просторија за рекреација и релаксација и уреден е просторот за физички активности, што е од огромно значење за академското и творечко искуство на студентите... Средствата кои ги доделивме на ФМУ имаат за цел да ги унапредат условите за едукација на идните музички уметници, со што ќе се обезбеди континуитет во развојот на музичката култура и зачувување на националното културно наследство, соопшти УКИМ.

Како што нагласила ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, „целта на издвоените средства е да се обезбедат врвни услови за образување на талентите и создавање нови можности за нивно усовршување“.

-Музичките уметници играат круцијална улога во културниот и општествениот живот на државата. Тие не промовираат и со своето творештво и професионализам придонесуваат за афирмација на македонската култура на светската сцена. ФМУ е местото каде што се создаваат идните професионалци кои со своите таленти и знаења ќе ја претставуваат нашата држава во најубаво светло, истакнува ректорката на Скопскиот универзитет. 

Деканката на ФМУ, проф. д-р Дарија Андоновска, посочила дека сакаат нивните студенти „засекогаш да ги паметат студентските денови, да се стекнат со врвно знаење и да имаат одлични услови за надградување на вештините“.

-Затоа сме многу благодарни што УКИМ, со издвоените средства за нас, ни овозможи покрај реновирањето и уредувањето, да набавиме и удирачки инструменти и пијано столови, како и да одржиме концерт и фестивал, со што им отворивме нови можности на студентите, нагласила Андоновска. хс/ац/

Фото: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Остани поврзан