• петок, 22 ноември 2024

Увид на местото каде беше фрлена експлозивна направа во Керамидница

Увид на местото каде беше фрлена експлозивна направа во Керамидница

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Полицијата врши увид во Керамидница каде изутрината беше фрлена експлозивна направа во двор од куќа при што беше повредено едно лице кое е пренесено во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. 

Дел од медиумите јавија дека се работи за Раде Трајковски-Штекли, кој досега двапати беше мета на напад. Минатата година кон него беше пукано во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ во Скопје. 

- Денеска (14.11.2024) во 09.20 ч. во СВР Скопје било пријавено дека во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош, соопшти МВР.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски во врска со овој случај најави безкомпромисна борба против организираниот криминал. 

- Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, рече Тошковски.

Во однос на прашањето дали можело да им се влезе во траг на напаѓачите, имајќи предвид дека нападот бил најавен на социјалната мрежа ТикТок, министерот рече дека ќе постапат во рамки на капацитетите што ги имаат.

- МВР не може да направи чуда, но може да работи чесно, посветено и професионално и во рамки на сето она што е надлежност на Министерството, согласно капацитетите што ги имаме, ќе постапиме. Нема да се мижи како што се мижело претходно, рече Тошковски.

Околу Градската општа болница каде е сместен повредениот има засилено полициско обезбедување. бак/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан