• сабота, 23 ноември 2024

Туск ја подржа идејата Моди да биде посредникот меѓу Русија и Украина

Туск ја подржа идејата  Моди да биде посредникот меѓу Русија и Украина

Варшава, 22 август 2024 (МИА) - Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека ја поддржува идејата неговиот индиски колега Нарендра Моди да ја игра улогата на посредник меѓу Украина и Русија, јави ДПА.

-Многу ми е драго што премиерот ја потврди својата подготвеност да работи лично за мирен, праведен и брз крај на војната, рече Туск во Варшава по разговорите со Моди.

На нивната заедничка прес-конференција индискиот премиер истакна дека конфликтот не треба да се решава на бојното поле.

Индија одржува добри односи и со Украина и со Русија и постојано ги критикуваше западните санкции против Москва, забележа ДПА.

Моди се обидува да игра помирувачка улога меѓу завојуваните земји. Тој минатиот месец се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.Видеото на кое двајцата лидери се прегрнуваат предизвика вознемиреност во Европа и Вашингтон, особено по смртоносниот руски напад врз детската болница во Киев.

Според аналитичарите, тоа го покажува неуспехот на напорите на западните сили да го изолираат Путин на меѓународната сцена по целосната руска инвазија на Украина, посочува ДПА.

Од Варшава Моди ќе замине за Киев, каде утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан