• сабота, 23 ноември 2024

Турскиот амбасадор Секизќок во посета на општина Маврово и Ростуше

Турскиот амбасадор Секизќок во посета на општина Маврово и Ростуше
Дебар, 16 април 2021 (МИА) - Амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, денеска беше во посета на општина Маврово и Ростуше. -Тој најпрво имаше среба со градоначалникот Медат Куртовски, на која амбасадорот Секизќок истакна дека Република Турција преку своите институции тука, била и ќе биде покрај граѓаните на општина Маврово и Ростуше, реализирајќи неколку проекти кои се во интерес на народот кој живее на овие простори, стои во објавата на фејсбук страната на општината. При тоа нагласил дека ќе продолжи и во иднина поддршката и соработката за оваа општина, а искажа големо задоволство и благодарност за топлиот дочек. Градоначалникот Куртовски откако им посакал срдечно добредојде се заблагодарил за посетата и посочил дека „вратите на општината се секогаш отворени за нив“. -Турција е наша братска држава заради тоа што секој еден од нас има свои роднини кои живеат во Измир, Измит, Истанбул, Коња и други градови. Посетата на секој еден човек од Турција за нас е радост и задоволство, а посетата на Амбасадорот и неговите соработници за нас е голема чест. Турција е голем поддржувач на нашата држава и тоа се докажало многупати и затоа сакам во име на жителите на нашата општина да се заблагодарам за сета досегашна помош. Како директна помош би ги спомнал реновирање на училиштето во село Скудриње како и камион за собирање на смет, рекол Куртовски. Општина Мавово и Ростуше е збратимена со општина Борнова во Измир, каде што има многу иселеници од реканскиот крај. Планирано беше збратимување и со општините Самсун и Кучуккоју, но поради пандемијата со Ковид-19 тоа е одложено. Куртовски и Секизќок го посетиле и основното општинско училиште „Хајан Селмани“ и старата џамија во Ростуше.вт/свс/

Остани поврзан