• сабота, 23 ноември 2024

Тупанчевски: Имаме сериозен пристап во подобрување на состојбите во затворите и на затворскиот менаџмент

Тупанчевски: Имаме сериозен пристап во подобрување на состојбите во затворите и на затворскиот менаџмент
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Со акциите во затворите во Идризово и во Штип покажуваме уште еднаш дека имаме сериозен пристап во подобрување на состојбите во ваквите установи и веќе има одредени поместувања и во однос на затворскиот менаџмент. Сето тоа е еден сет на мерки коишто придонесуваат во однос на корекција на девијантните појави во затворскитеустанови, истакна министерот за правда Никола Тупанчески. 

Тој додава дека состојбата не е нова и се провлекува подолг временски период меѓутоа, како што вели, првпат вака се реагира сериозно во однос на корекција на девијантните појави што се случуваат во затворските установи.

-Она што сакам посебно да го потенцирам, претпоставувам дека сте информирани дека веќе надлежните институции постапуваат по фактичката состојба која што е утврдена и во едниот и во другиот затвор. Претпоставувам дека ќе имаме соодветен епилог во однос на тоа како ќе биде завршено, затоа што потенцирам уште еднаш ваков тип на средства односно предмети коишто се најдени во затворите да се пронајдени надвор од затворската установа исто така е казниво според Кривичниот законик. Значи, не зборувам за никаков тип на дисциплинска одговорност, зборувам за ултимерација – она што е најстрога форма на одговорност. Така што, кон ова може да се додаде дека веќе има одредени поместувања и во однос на затворскиот менаџмент. Има нов директор на затворот во Идризово итн., рече Тупанчески на денешниот Регионален форум на тема „Хашката конвенција 2019-Очекувања за Западен Балкан".

Одговарајќи на новинарско прашање дали разрешувањето на директорот на затворот Идризово има поврзаност со неодамнешната акција во оваа установа, Тупанчески потенцира дека се работи за сет на мерки коишто се преземаат за да се стигне до соодветна реакција, општествена реакција за подобрување на состојбите, а тоа, според него, значи дисциплинска одговорност, тоа значи разрешување, тоа значи кривична одговорност за тој што дозволил состојбата да биде таква.  

На новинарско прашање дали новиот директор што ќе биде именуван ги исполнува критериумите за да биде на таа позиција, министерот за правда рече дека една од забелешките на телото на Совет на Европа кое што се занимава со превенција од тортура била дека треба да ги подобриме состојбите во нашата држава во однос на условите, почитувањето на условите коишто се дадени со закон и посочи дека во таа насока се движи и новото решение.фф/ки/

Остани поврзан