Трошановски: Постои голем отпор за уставните измени, треба да заземеме проактивен пристап во процесот
- -Треба да знаеме и дека противење кон нив по секоја цена и повторување на неправдата која нам ни е нанесена, исто така, не може да ни донесе многу добро, особено во овој суров геополитички момент каде што секој ги гледа своите интереси, смета Трошановски.

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) – Уставни измени како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ поддржуваат 20 проценти од испитаниците во анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровеле Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.
-Останатите се доста поделени помеѓу: статус кво, повлекување од процесот и промена на Преговарачката рамка. Интересно е да се забележи дека граѓаните не го перципираат толку процесот како задоволување на условите од соседите, туку повеќе гледаат на некоја реформирачка и демократска вредност на процесот, значи процесот повеќе го гледаат како усогласување со стандардите и законите на Европската Унија, изјави Анамарија Велиновска истражувач во Центар за европски интеграции при ИДСЦС пред презентацијата на наодите од истражувањето.
Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, соопшти дека „постои голем отпор за уставните измени како услов за отпочнување на преговорите“ и смета дека државава треба да заземе проактивен пристап во процесот.
-Треба да знаеме и дека противење кон нив по секоја цена и повторување на неправдата која нам ни е нанесена, исто така, не може да ни донесе многу добро, особено во овој суров геополитички момент каде што секој ги гледа своите интереси, смета Трошановски.
Давајќи, како што рече, политички коментар за овие наоди, тој порача – „мора да работиме посветено на изнаоѓање решенија“ и „од Европската Унија да бараме модалитети коишто ќе ни гарантираат пообјективен и попредвидлив процес на преговарање“.
-Без притоа да бараме промени на Преговарачката рамка или да инсистираме дека нема во иднина да бидеме условувани, меѓутоа да бараме што поголема кредибилност на процесот, и тоа е патот кон којшто треба да се движиме како држава. Значи, треба да се заземе еден проактивен пристап, рече Трошановски.
На прашањето дали поддржува уставни измени со одложено дејство, одговори дека „тие нам не ни помагаат да добиеме објективност и предвидливост на процесот“.
Според него, предвидливост треба да бараме во европски стандарди, примена на Договорот за добрососедство со Бугарија, особено работата на историската комисија која, како што рече, „сега е оставена да лебди, работи без методологија и по волја на бугарската страна, во еден асиметричен однос“.
- Ако процесот е сега европски и ако цела ЕУ стои зад него, тој треба да биде воден по европски стандарди и тоа е она на што треба да се фокусираме и да го бараме како држава, првенствено. И секундарно, но не помалку важно, е исто така во делот на патоказот за владеење на правото односно оној план за заштита на малцинските права којшто постојано ќе биде дел од преговорите со ЕУ, да го исчистиме од евентуално злонамерни интервенции кои ќе тврдат дека Македонија има говор на омраза или системска дискриминација врз основа на некои небулозни критериуми, како што на пример беше делот со говор на омраза во приватен простор кој стои во Договорот со Бугарија, којшто е надвор од сите стандадри и дефиниции за говор за омраза, рече претседателот на ИДСЦС.
Нагласи дека „треба да се фокусираме што е можно повеќе да го заштитиме и објективизираме процесот“ бидејќи, рече, тоа е интерес и на Европската Унија.
-Бидејќи без ваков заштитен процес, билатералните проблеми, не само помеѓу Македонија и Бугарија, туку и помеѓу сите останати претенденти, членки кандидатки што се во нашиот кош и другите сегашни земји членки, сите билатерални проблеми ќе излезат на површина и повторно ќе го изблокираат проширувањето кое, гледаме сега, повеќе од кога било е многу важен момент и нужност на новата реалност за Европа, особено, а и во светски геополитички контекст, исто така, додаде Трошановски пред презентацијата на наодите од анкетата за перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. хс/ев/
Фото: принтскрин