• среда, 27 ноември 2024

Тропскиот циклон „Илса“ ќе удри на Западна Австралија, населението подготвено за евакуација

Тропскиот циклон „Илса“ ќе удри на Западна Австралија, населението подготвено за евакуација

Канбера, 13 април 2023 (МИА) - Моќен тропски циклон денеска се приближи до северозападниот брег на Австралија, пропратен со силни ветришта и обилни врнежи од дожд, а властите го предупредија населението да се подготви за удари на ветрови до 275 километри на час, пренесуваат американските медиуми.

Циклонот „Илса“ денеска над Индискиот Океан достигна интензитет од четврта категорија и се очекува да биде првата бура со таква јачина во последните десет години што ќе го погоди брегот на регионот Пилбара, во сојузната држава Западна Австралија, објави австралиската метеоролошка служба.

Циклоните од четврта категорија, втортаа највисока класификација на австралиската скала на интензитет на урагани и бури, имаат максимална просечна брзина на ветерот од 160-199 километри на час, со удари од 225-279 километри на час.

Се очекува „Илса“ до утре сабајле да удри на брегот во распон од околу 450 километри,  меѓу градот Порт Хедланд, најголемиот светски центар за извоз на железна руда, и домородната заедница Бидијаданга, соопштија синоптичарите.

Полицијата денеска го затвори автопатот Пилбара Кост меѓу Порт Хедланд и туристичкиот град Брум, двата најголеми града со 16.000 и 15.000 жители, за да се намали ризикот за возачите поради влошување на условите.

Противпожарните служби и службите за итни случаи ги повикаа жителите на објектите што не се изградени да издржат циклони од четврта категорија веднаш да се евакуираат во засолништата.

Полиците на супермаркетите се празни, објавија локалните медиуми, а многу се барани основните производи како флаширана вода, овошје и месо.

Последната бура од 4-та категорија што го премина брегот на Пилбара беше циклонот Кристин во декември 2013 година. сд/

Остани поврзан