• сабота, 23 ноември 2024

Тркалезна маса за инклузивно образование и поттикнување на социјална кохезија

Тркалезна маса за инклузивно образование и поттикнување на социјална кохезија

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Тркалезна маса „Инклузивно образование и поттикнување на социјална кохезија“ се одржала денеска во Битола, на која државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска нагласила дека строго е забрането и казниво сегрегирање, дискриминација или која било друга форма на отфрлање на младите од училишната заедница.

- За ова веќе постојат одредби во Законот за основното образование, но планираме да ги зајакнеме во процесот на надградба на регулативата а и да ги отсликаме во законите за средно и за стручно образование и обука. Планираме и кампањски активности за подигнување на свеста за спречување и заштита од дискриминација и сегрегација, со опфат на возрасните од кои најчесто потекнуваат овие идеи, истакнала Ивановска. 

Како што информира МОН, активностите за измена на регулативата, носењето нови наставни планови и програми, обуките на наставниците, вложувањата во инфраструктура, соработката со меѓународните институции и организации, инсистирањето на поголемо вклучување на родителите во работата на училиштата и јавните дебати, рекла Ивановска, се насочени кон создавање систем на образование што на секој млад човек му дава можност да успее, без оглед на неговото потекло, вера, националност, пол.

- Министерството за образование и наука гради интегрирано образование во кое ресурсите и поддршката се подеднакво достапни за секое дете и млад човек, со што ги рушиме бариерите што нè делат. Во овој контекст, Ивановска посочи на посебниот протокол за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, врз основа на кој во училиштата се формира тим од наставници, стручни соработници и родители, којшто презема конкретни мерки и активности за превенција и заштита, меѓу другото, и во случаите на социјално насилство, се наведува во соопштението. 

Ивановска нагласила  дека „училиштето не смее да дозволи одвојување на еден ученик, или група, од другите врз основа на различност, ниту да го доведе во позиција на нерамноправност и нееднаквост, да го дискриминира или игнорира“.

- Но сепак, и за жал, оваа појава постои како предизвик и сите ние мораме заеднички да се заложиме за да го надминеме... Сегрегацијата не е прифатливa ниту во образованието ни во општеството, и не е важно дали ученикот е Македонец или Ром, Албанец или Турчин, туку за секој ученик мора да има место во нашите училишта, а секое поинакво постапување ќе биде санкционирано, без да се чека тоа да го кажат меѓународни судови. Само така можеме да изградиме силно општество во кое разликите се богатство и нè обединуваат во една држава што е просперитетна и во која сите сакаат да живеат и тука да се вратат, порачала Ивановска на тркалезната маса во Битола. хс/лв/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан