• вторник, 24 декември 2024

Тркалезна маса „Безбедноста на пешаците во сообраќајот“: Нема толеранција за пијани возачи, неисправни возила, непочитување на сообраќајните правила и прописи

Тркалезна маса „Безбедноста на пешаците во сообраќајот“: Нема толеранција за пијани возачи, неисправни возила, непочитување на сообраќајните правила и прописи
Скопје, 6 април 2022 (МИА) – „Вози како секое дете на улица да е твоето“, е мотото на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како учесник во сообраќајот. Во обраќањето на денешната тркалезна маса „Безбедноста на пешаците во сообраќајот“, тој нагласи дека се труди секогаш да го почитува ова мото бидејќи за безбедноста во сообраќајот сме одговорни сите, тргнувајќи од самите себе како поединци, и секако, сите чинители во општеството. Затоа, посочи, последниве неколку години воспоставивме нов пристап кој има за цел подигање на безбедноста на сообраќајот на едно високо ниво - притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи. - Иако ни се забележува на ригорозноста, ние сепак сме одлучни во нашата определба, бидејќи единствено таквиот пристап спасува од ненадоместливи трагедии и големи материјални штети. Исклучително важен факт - а тоа е дека безбедноста во сообраќајот веќе подолго време ја третираме не само како прашање на почитување на законската регулатива од таа област или, пак, само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура туку, пред сѐ, како приоритетен сегмент, во кој се пресликува нашата посветеност за создавање на безбедни средини за граѓаните, но и поширока по обем проблематика од јавен, односно општествен интерес, рече министерот Спасовски. Како релевантен показател на сработеното, особено ако земеме предвид како индикатор дали се движиме во добра или во погрешна насока, според статистичките податоци, потенцира тој, бројката на жртви постојано паѓа. Така, минатата 2021 година ја завршивме како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години - 116, а најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување, информира Спасовски, е забележано на подрачјето на СВР Скопје, кое важи за подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќајот. Како производ на зајакнатите акциски контроли во сообраќајот, кои очигледно даваат резултат, се регистрираните над 992 илјади превентивно - репресивни мерки во последните пет години, против прекршителите на сообраќајните правила и прописи, во најголем дел за брзо возење. Тоа придонесе, подвлече Спасовски, за континуирано намалување на бројот на жртви, а со самото тоа и постапно остварување на нашата цел, па ако во 2013 имаше 198 жртви, во 2016 тој број беше 165, во 2017 – 155, 2018 – 133, во 2019 – 132, во 2020 – 125. Засилените контроли продолжуваат со несмален интензитет и во 2022 година, најави, со цел да придонесеме оваа година да биде најбезбедна досега. Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во март 2022 година има четири жртви, а во март 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022. Спасовски потсети дека од 2017 година се работи и на континуирано материјално-техничко опремување на полицијата, со цел создавање подобри услови за работа. Со набавка на модерни, технички високософистицирани радари, сите опремени со уред и за ноќно снимање, далеку посупериорни од малкуте дотогашни, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, истакна министерот Спасовски, нашата сообраќајна полиција е единствена во регионот која е комплетирана со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал. -  Во моментот организационите единици за контрола и регулирање на сообраќајот раполагат со вкупно 127 уреди за мерење на брзината – радари и 55 парчиња опрема за ноќно снимање на движењето на возилата, која може да се приклучи на сите уреди, рече Спасовски. Што се однесува до уредите за мерење на количеството на алкохол во крвта – алкомери, на постојните 12 алкомери, денес организационите единици за контрола и регулирање на сообраќајот располагат со вкупно 144 алкомери. Паралелно е инвестирано и во други средства за работа на полициските службеници, униформи, чевли, реконструкција на објектите во кои работат. Неодамна наведе тој, е реализиран уште еден важен проект на МВР „Мобилен систем за снимање со камери“, поставени на полициските службеници што вршат контрола и регулирање на сообраќајот. Со овој систем за снимање, смета Спасовски, не само што ќе се добие на квалитет во документирањето на прекршоците, туку истовремено се подига квалитетот на полициското постапување, професионалноста и транспарентноста. Сепак, МВР во последниве пет години, паралелно со репресивните спроведува и превентивни мерки, чија цел е со подигање на нивото на сообраќајна култура да придонесеме за намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Затоа, МВР преку своите одделенија за превенција, работи и со училиштата, со најмладите. Формирани се училишни сообраќајни единици, во кои полицајците и учениците заедно излегуваат на улица и на лице место ги усвојуваат сообраќајните правила и прописи, во рамки на превентивно-едукативни активности се посетуваат и детските градинки ширум државата. Како пример наведе дека минатата година СВР Тетово реализираше превентивен проект „Поголема безбедност на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и лицата што управуват електрични тротинети“, во чии рамки граѓаните беа запознавани со законските прописи и измени на Законот на безбедност на сообраќајот на патишта, а беа организирани и сообраќајни поуки за сторители на прекршоци од овие категории, како и проектот „Поголема безбедност на децата во сообраќајот од домот до училиштето“. Отсекот за превенција при СВР Битола, пак, во почетокот на оваа година го реализираше проектот „Вози одговорно, патувај безбедно“, „Биди подготвен за безбедно патување во зима“ и „Безбедно во сообраќајот", додека СВР Струмица преземаше активности во рамки на проектите „Паркирај совесно, паркирај одговорно“, „Управувај безбедно со врзан појас". Министерот Спасовски посочи дека со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а од неодамна и со Факултетот за безбедност, заеднички се спроведува  актуелната кампања за пешаците под мотото „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Во контекст на ова, во првите три месеци од 2022 година санкционирани се 2.298 возачи кои не дале првенство на минување на пешак, но санкционирани се и 2.784 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила. Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Сашо Коруновски во обраќањето меѓу другото потенцира дека интердисциплинарниот приод е она што Универзитетот сака да го промовира како академски пристап кон оваа, но и кон сите други животни теми. Посака успешна дебата, од која студентите нешто ќе научат, како што рече, посебно во ваква сензитивна професионална работа што ги очекува студентите дипломирани на Фаскутлетот за безбедност, кои се поврзуваат со најделикатните сегменти на државата, а тоа е безбедносниот сегмент. Коруновски нагласи дека  како академска заедница и општествено одговорни институции, треба да направат многу зад а се издигне свеста на повисоко ниво, за со испратените пораките да се покаже дека заеднички пристапуваат и ги решаваат проблемите. Претседателката на Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Гордана Кожуваровска, наведе дека покрај основните задачи за унапредување и развивање на сообраќајното образование, воспитание, култура и етика, РСБСП посебно внимание посветува на превентивното делување за зголемување на безбедноста и на сите категории учесници во сообраќајот на патиштата во РС Македонија. Потсетувајќи дека оваа година одбележува 60 години постоење и активна работа на полето на безбедноста на сообраќајот на патиштата, истакна дека со МВР како партнер, секојдневно организира и спроведува голем број кампањи, со цел подигнување на јавната свест, одговорно однесување и меѓусебно почитување на сите учесници во сообраќајот. Според неа, соработката со МВР и со другите надлежни инситуции придонесува кампањите и остантите активности да ја постигнат целта за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати лица во нив. Месеците април и мај, рече деканот на Факултетот за безбедност проф.д-р Никола Дујовски, се ценат како особено важни кога мора сите да придонесат да се зачува секој живот, посебно на децата, помладите и на студентите. Свесни сме, потенцира Дујовски, дека живееме во општество во кое сообраќајната култура е на незавидно ниво, но силно ги поддржуваме напорите на МВР и на останатите институции со зајакнати, континуирани, постојани превентивни и репресивни мерки да влијаат на свеста на секој од нас. -  Се движиме кон бројка што е поднослива и во Европски рамки, а тоа е резултат единствено на интегрираниот пристап што можеме да го имаме. Полицијата е можеби најважниот сегмент, но сите останати Локалната смаоуправа, Министерството з атранспорт и врски, Црв ениот крст и другите институции кои можат да дадт поддржка, треба да го правиме тоа постојано, рече деканот Дујовски. Тој им се обрати на студентите и ги повика да ја искористат секоја мудра прилика, како што рече, помогнете на секој ваш пријател и на сите што ги познавате, работите на градење на сообраќајната култура. Ги повика и будно да ги следат случувањата и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Во рамки на тркалезната маса денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Факултетот за безбедност. цр/са/

Остани поврзан