• четврток, 26 декември 2024

Три училишта добија признание за „најГЛАСни“ ученички заедници

Три училишта добија признание за „најГЛАСни“ ученички заедници
Скопје, 1 април 2022 (МИА) - Кога училиштата поддржуваат и поттикнуваат ГЛАСни ученички заедници, имаме активни и мотивирани ученици подготвени да преземат активно учество во демократските процеси и да бидат носители на промени во образовниот систем, но и во општеството, беше заклучено на тридневниот настан по повод доделувањето на наградата за средношколско учество – најГЛАСни, што се одржа од 29 до 31 март во Скопје и Велес, во организација на фондацијата Конрад Аденауер, Здружението ЛЕАД и Сојузот на средношколци. Од здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) додаваат дека на настанот учествуваа претставници на седум училишта како финалисти, составени од по три ученици и еден наставник, кои беа избрани на отворен повик, а во рамките на активностите беше посетено Собранието, каде учениците имаа можност да дискутираат и разменат искуства со младите пратеници во рамките на Клубот за младински прашања и да се запознаат со функцијата на оваа институција. - Клубот за младински прашања и политики е партнер на младите. Преку ваквите настани сакаме да пратиме порака дека младите имаат поддршка во процесот на креирање и носење на одлуки, изјави Моника Зајкова, пратеник и претседател на Клубот за младински прашања. Останатите два дена учениците ги разработуваа нивните акциски планови за имплементирање на училишни иницијативи, кои потоа беа презентирани пред тричлено стручно жири, додадоа организаторите. Комисија врз основа на претходно дефинирани критериуми и потенцијалот на училишните иницијативи, избра три училишта за победници кои добија по 10.000 денари за имплементација на нивната иницијатива. СУГСГ „Орце Николов“ - Скопје, СОУ „Коста Сусинов“ - Радовиш и ОСУ „Св. Климент Охридски“ - Охрид добија признание за најГЛАСни ученички заедници. Организаторите го изразија своето задоволство од интересот за учество во настанот кој за првпат се одржа и ќе продолжи да се одржува во иднина, со цел да ги наградува најдобрите училишни заедници. - Наградата овозможува поттикнување на демократското учество на учениците во рамки на училиштата како темелна европска вредност. Демократското учество е многу важно за создавање на свесни граѓани кои потоа ќе бидат активни сторители и ќе придонесуваат во општеството, изјави Даниел Браун, официјален претставник на Канцеларијата на Фондација „Конрад Аденауер“ во земјава. Според извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов преку наградата за средношколско учество сакаат да дадат свој поттик и придонес за средношколското учество во нашата земја, но и да ги препознаат, наградат и поддржат позитивните примери во делувањето на средношколците. Наградата за средношколско учество - најГЛАСни! се доделува од страна на Фондација „Конрад Аденауер“, здружението Лидери за едукација, активизам и развој и Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија. Како активни поддржувачи и промотори на ученичкото учество низ изминатите години, наградата претставува признание за активноста и работата на средношколските заедници во насока на унапредување на положбата на учениците во своите училишта и вклучување во училишните процеси, посочи ЛЕАД. сан/сп/

Остани поврзан