• сабота, 23 ноември 2024

Три земји на ЕУ добиваат 433 милиони евра за помош на украинските мигранти

Три земји на ЕУ добиваат 433 милиони евра за помош на украинските мигранти

Брисел, 15 јули 2022 (МИА) – Белгија, Италија и Луксембург ќе добијат 433,79 милиони евра преку РЕакт-ЕУ за да им се помогне на Украинците кои се наоѓаат во овие земји, јави дописничката на МИА од Брисел.

Помошта за украинските мигранти во Белгија изнесува 33,4 милиони евра за да им се помогне да се интегрираат на пазарот на трудот и да најдат работа.

Луксембург добива 390 илјади евра за обезбедување на основните потреби на бегалците, како храна и социјалните последици од пандемијата со Ковид-19.

Италија добива 136 милиони евра за да се олесни притисокот врз здравствениот систем на државата, да се помогне за вработување на здравствени работници и да се покријат дополнителните часови на лекарите и останатиот здравствен персонал, соопшти Европската комисија.

Дополнително 264 милиони евра ќе одат за набавка на вакцини против Ковид-19. Претходно алатката РЕакт-ЕУ, во 2021, мобилизираше 40 милијарди евра за земјите членки на ЕУ за справување со последиците од пандемијата, инвестиции во зелената и дигиталната транзиција и интегрирање на лицата кои бегаат од војната во Украина. тм/паг/

Остани поврзан