• петок, 27 декември 2024

Три години од катастрофалните пожари во Грција во кои загинаа 102 лица

Три години од катастрофалните пожари во Грција во кои загинаа 102 лица
Атина, 23 јули 2021 (МИА) – Грција денеска ја одбележува тригодишнината од еден од најкатастрофалните, најтрагичните и најголеми пожари во кој загинаа 102 лица, а беа уништени над 4.000 домови, откако огнените јазици со голема брзина, поради силниот ветер, брзо стигнаа до куќите и за само неколку часа „проголтаа“ се што се најде пред нив, јави дописничката на МИА од Атина. Веќе трета година по ред, медиумите во Грција, 23 јули го посветуваат на трагедијата во Мати, но жителите на населбите зафатени од пожарот, секојдневно ја живеат нивната голгота, обидувајќи се одново да ги изградат нивните домови, да продолжат да живеат без нивните најблиски кои беа меѓу жртвите. Денеска, три години подоцна, сликите од кобниот понеделник во 2018 година одново оживуваат за преживеаните, пред чии очи огнените јазици одзедоа членови на нивните семејства, ги „проголтаа“ нивните домови и автомобили. Неколку приморски населби во општина Рафина, во источниот дел на областа Атика, беа зафатени од пожарите, а над 20 лица изгореа живи откако не успеаја да најдат излез за да стигнат во морето, откако буквално се заглавија во тесните улички, а голем дел од граѓаните спасот го бараа во морето. Му побегнаа на пожарот, но трагично загинаа, чекајќи помош во морето поради давење или задушување од чад. Пожарот започна во попладневните часови, а до доцна во ноќта ситуацијата беше хаотична, без официјални информации, со луѓе во очај да се јавуваат во медиумите, да бараат помош, велејќи дека тоа е нивната последна надеж да не изгорат живи. Други, во паника се обидуваа пливајќи да стигнат на безбедно копно што не гори. Траекти кои од островите се враќаа кон пристаништето во Рафина, спасуваа луѓе од морето, рибари со рибарски чамци излегоа да помогнат, а кусо пред полноќ, во новинарските кругови веќе се ширеа информации дека не само што има загинати, туку од минута во минута се зголемува нивниот број. Првата официјална информација кусо пред три часот по полноќ, од тогашниот владин портпарол Димитрис Ѕнакопулос, кој рече дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“ и соопшти дека загинати се над 20, а повредени над 100 лица. Откако пожарот беше ставен под контрола, ден подоцна, со првите зраци на сонцето се откри и големината на трагедијата. Ден по пожарот, во раните утрински часови, на 24 јули 2018 година, јавноста во земјата ја шокираше веста дека на плац, во обид да најдат излез до морето живи изгореле 26 лица, а јагленосаните тела ги пронајдоа спасувачките екипи. Грција беше во шок, не само следниот ден туку денови подоцна. Се пребројуваа жртвите, се бараа исчезнати, се идентификуваа јагленосаните тела. Само неколку дена по пожарите, мирисот на чад беше водич до населбите Мати, Неос Вуѕас и Кокино лиманаки, кои некогаш беа едни од омилените летни дестинации на Атињаните. Дел од преживеаните, тогаш, во разговор за МИА и за грчките медиуми ги раскажаа нивните трагични судбини, еден ја загубил сопругата, друг родителите, трет неговиот син, пожарникар додека бил на должност го загубил 6 месечното бебе, а татко преку медиумите го бараше неговиот 13 годишен син, кој подоцна се најде на листата загинати. Огнените јазици  беа толку големи до степен што добиваш изгореници од зрачењето, без да имаш физички контакт; го земав детето, го завиткав во пешкир и инстиктивно  почнав да трчам кон плажата, сопругата остана зад мене, за жал не успеа да стигне до морето; никој не нѐ предупреди, никој не се обиде да нѐ евакуира. Влеговме во море, останавме таму околу два- два и пол часа и нѐ спаси рибарски чамец; во обид да избегаат од кампот што гореше, на 15-20 метри од излезот ги пронајдовме моите родители изгорени и прегрнати, се дел од сведоштвата за МИА, пред три години, на дел од преживеаните од  катастрофалните пожари во Грција што одземаа 102 животи. Три години подоцна, остануваат неодговорени многу прашања околу причините за трагедијата и планот за справување со пожарот, прашања што ги поставуваат, не само оние кои загубија членови од семејството, туку и јавноста. Весникот „Катимерини“, лани во текстот „Криминал и прикривање“, опширно преку судски документи и сведоштва пишуваше дека  „две години некои се обидуваат да постават пречки во судскиот процес со единствена цел да се скријат дела и пропусти што доведоа до трагедијата. Паралелно, објави дијалози меѓу тогашниот началник на Противпожарната служба на Грција, кој од вештакот од неговата служба, одреден да истражи што се случуваше за време на пожарите, бара да прикрие одговорност, по наредба од министерката. Три години подоцна, судскиот процес е сѐ уште во тек. Пожарите во Нео Вуѕа, Мати и Кокино лиманаки беа најкатастрофалните во современата грчка историја и едни од најголемите и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви. Сања Ристовска

Остани поврзан