Три години и еден месец затвор и парична казна од 5.000 евра за Марјан Стаменковски од „ДоказМ“
- Единствена казна затвор од три години и еден месец и парична казна од пет илјади евра за сопственикот на порталот „ДоказМ”, Марјан Стаменковски, објави денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Скопје, 4 април 2023 (МИА) - Единствена казна затвор од три години и еден месец и парична казна од пет илјади евра за сопственикот на порталот „ДоказМ”, Марјан Стаменковски, објави денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Судот објави дека Стаменковски е виновен затоа што преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, со намера да прибави за себе лична корист по пат на закани и уцени кон повеќе лица, ширел расистички и ксенофобичен материјал во јавноста.
За секое од делата „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и за „злоупотреба на лични податоци“, Судот му одреди по една година затвор односно вкупно четири години затвор, но согласно закон му одреди една единствена казна затвор од три години и еден месец, во која се засметува и времето поминато во притвор.
Стаменковски во рок од три месеци треба да плати и парична казна во висина од 250 дневни глоби, при што секоја глоба во вредност од 20 евра или вкупен износ од 5 000 евра.
Судот, исто така, му изрече и казна забрана за вршење дејност во период од 10 години за регистрација и водење на домен.
Оштетените во случајот, кои преднајавија штета, Судот ги упатува во граѓански спор.
Стаменковски се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје од средината на февруари годинава.
Судот, при изрекување на пресудата нагласи дека обвинетиот Марјан Стаменковски, е со високо образование, сопственик на портал, женет со едно дете.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал.
Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Зорица Павловиќ.
Јавноста во случајот беше исклучена од главната расправа заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците. аа/нд/