• понеделник, 23 декември 2024

Трипуновски на „Празијада“ во Градошорци: Македонија изобилува со квалитетни земјоделски производи

Трипуновски на „Празијада“ во Градошорци: Македонија изобилува со квалитетни земјоделски производи

Скопје, 3 ноември 2024 (МИА) – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, денеска присуствуваше на манифестацијата „Празијада“ во селото Градошорци, кое е најголем производител на праз во државата, информираа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како што стои во соопштението, Трипуновски истакнал дека земјава изобилува со квалитетни земјоделски производи, поради доволниот број на сончеви денови, богатата почва и чистата вода.

– Манифестацијата „Празијада“ е доказ дека Македонија изобилува со квалитетни земјоделски производи, бидејќи ова парче земја ни нуди доволно сончеви денови, богата почва и чиста вода за да произведуваме. Градошорци е село кое е најголем производител на праз во државата. Преку овој настан се согледува и огромното значење за општина Василево, општината ги промовира карактеристиките и својствата на празот како здрав зеленчук, го доближува до граѓаните истовремено, посочил Трипуновски.

Промоцијата на празот, вели, се овозможува на едно место да се соберат производителите, но и сите трговци, за заедно да најдат нови пазари за пласман на празот.

– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи и во иднина да поддржува вакви настани зашто преку нив се промовира локалниот туризам и производите кои се автентични за одредени делови на земјата, истакнал Трипуновски. ра/лв/

Фото: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан