Триесет дневен притвор за Камчев, тој веќе заминал во Шутка
- Судија по претходна постапка попладнево по три часовен распит определи 30 дневна мерка притвор за бизнисменот Јордан Камчев, кој веќе заминал во Шутка. Утрово тој беше приведен, а според него
Скопје, 14 март 2021 (МИА) - Судија по претходна постапка попладнево по три часовен распит определи 30 дневна мерка притвор за бизнисменот Јордан Камчев, кој веќе заминал во Шутка. Утрово тој беше приведен, а според неговиот адвокат Тони Менкиновски бил лишен од слобода поради кривично дело изборна измама, за подоцна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да побара притвор поради информацијата од Агенцијата за национална безбедност дека Камчев се подготвувал за бегство.
- Сите мерки за овој предмет кој трае надвор од законскиот рок за истрага, скоро 30 месеци, каде што се уште не е подигнато обвинение, сите мерки се исполнети, даден е капитал како гаранција, дадени се пасошите и Камчев воопшто не може и да сака не може да ја напушти Македонија. Само по некаква дојава тој доби 30 дневен притвор. Многу ми е жал, но јас се надевам дека за многу брзо оваа мерка ќе биде санкционирана од страна на Европскиот суд за човекови права. Во целото решение ниту се образложува која е причината, ниту се даваат насоки зошто Камчев денеска треба да оди во притвор, ова е садизам, нагласи неговиот адвокат.
Менкиновски посочи дека не им биле презентирани документите од АНБ. - Сакам да напоменам дека судијата не ни го даде решението, туку дојде записничарката, рече Менкиновски, кој во врска со другите мерки вели дека самиот судија бил контадикторен бидејќи со денешното решение требал да ги укине другите мерки и да ја напише само мерката притвор.
Како што рече Менкиновски, Камчев следната недела требал да сведочи во случајот „Меѓународен сојуз“ против сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче Ременски, за кого кажа дека е вработен во АНБ, од каде потекнува белешката за можно бегство на Камчев. Следното рочиште за случајот Меѓународен сојуз е закажано за 18 март.
На забелешката на новинарите дека притворот нема да го спречи Камчев да се појави на рочиштето, Менкиновски упати дека сега негиовиот клиент немал да биде на досегашната адреса, поради што можело да дојде до одолговлекување на судењето за „Меѓународен сојуз“.
Во врска со неофицијалните информации дека се подготвувал за бегство во Бугарија, со партнерка и дека имал контакт со претставник на бугарската тајна полиција, Менкиновски рече дека обвинителството треба да докаже дека тоа е така.
-Немате никаков евидентен доказ дека Камчев ќе ја напушти Македонија, напротив инвестира во одделенија има нови вработувања, нови доктори, деловни потфати во Македонија за јавно здравје, за здравјето на сите луѓе, истакна адвокатот.
Камчев, како што посочи Менкиновски, веќе е упатен кон КПУ Затвор - Скопје.
Обвинителката Лиле Стефановска, која го води случајот „Плацеви на Водно“, за кој претходно медиумите известуваа дека е поврзан со барањето мерка притвор за Камчев, го напушти Кривичниот суд од задниот влез без да даде изјава пред новинарите.
Камчев изутрината во 8:30 беше приведен во Полициската станица Карпош. По приведувањето беше упатен во Кривичниот суд во Скопје, на распит пред судија по претходна постапка.
Орце Камчев е еден од осомничените во случајот „Империја“, но и во случајот „Плацеви на Водно“ за кој обвинителката Вилма Рускосва во изјава за МИА информираше дека истрагата е при крај. Во „Плацеви за Водно“ првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски, за кого истрагата покажала дека со пари на партијата си купил плацеви во вредност од 1,3 милиони евра. см/мс/