• среда, 25 декември 2024

Трибина „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“ 

Трибина „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“ 
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Што се случи на македонската книжевна сцена во изминатата деценија? Дали настапи нова стилска формација или изразен книжевен индивидуализам? Какви поетики се доминантни во македонскиот книжевен простор и дали со нив се остварија нови вредности во естетската вертикала на нашата книжевност, се дел од прашањата на трибината „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“ во организација на Културно-информативниот центар – Скопје по повод 10 години од објавувањето на антологијата „Ветерот носи убаво време. Трибината, која ќе се одржи утре со почеток во 12 часот, во салонот „Империјал“ 2 во Културно-информативниот центар – Скопје, исто така, ќе одговори на прашањата, колку од авторите што пред десет години беа млади и надежни, дел од нив и дебитанти, денес се доминантни пера во македонскиот книжевен простор и дали за нив и натаму важи одредницата „млад автор“, дали се случи некаква промена во рецепцијата на читателите за современата македонска книжевност, кои и какви се актуелните нови гласови во македонскиот книжевен простор и каква беше улогата на антологијата „Ветерот носи убаво време“ за македонската книжевна стварност? Воведни излагања ќе имаат приредувачите на антологијата „Ветерот носи убаво време“, Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а со свои согледувања од перспектива на веќе етаблирани автори, издавачи и организатори на книжевни манифестации ќе се вклучат Јулијана Величковска и Жарко Кујунџиски, по што ќе се поведе и дискусија со присутните – поети и прозаисти, издавачи, книжевни критичари и преведувачи кои ќе ги изнесат своите видувања. Во рамките на настанот, преку куси разговори ќе бидат презентирани и согледувањата на авторите Ѓоко Здравески и Давор Стојановски, инаку и двајцата застапени во антологијата „Ветерот носи убаво време“ објавена пред една деценија, а денес едни од најприсутните автори на македонската книжевна сцена, иако и двајцата се со ангажман надвор од земјата. По изнесувањето на заклучните согледби од трибината ќе се одржи и поетско читање на дел од актуелните млади поетски гласови кај нас, оние кои всушност, денес се носители на новото време во македонскиот книжевен простор – Андреј Ал-Асади, Ивана Јовановска, Викторија Ангеловска, Андреј Медиќ – Лазаревски, Марија Велинова и Диме Данов. Пред десет години, со антологијата „Ветерот носи убаво време“ се промовираше нов бран автори и поетики во македонската книжевност и се бараше простор за нив во македонскиот книжевен простор како тогашни носители на ново книжевно време. По изминување на една деценија од објавата на оваа антологија, со оваа трибина ќе се направи обид за критичко осврнување кон остварувањата и случувањата во македонската книжевна стварност во периодот од тогаш до денес, а со тоа и да се даде влог во критичкото опсервирање на македонската книжевна вертикала во актуелниот миг. ар/аа/

Остани поврзан