• среда, 25 декември 2024

Трибина во КИЦ - „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“

Трибина во КИЦ - „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Во Културно-информативниот центар – Скопје денеска со почеток во 12 часот ќе се одржи трибина со наслов „Какво време донесе ветерот во македонската книжевна стварност?“ по повод 10 години од објавувањето на антологијата „Ветерот носи убаво време“. На трибината воведни излагања ќе имаат приредувачите на антологијата „Ветерот носи убаво време“, Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а со свои согледувања од перспектива на веќе етаблирани автори, издавачи и организатори на книжевни манифестации ќе се вклучат Јулијана Величковска и Жарко Кујунџиски, по што ќе се поведе и дискусија со присутните – поети и прозаисти, издавачи, книжевни критичари и преведувачи кои ќе ги изнесат своите видувања. - Во рамките на настанот, преку куси разговори ќе бидат презентирани и согледувањата на авторите Ѓоко Здравески и Давор Стојановски, инаку и двајцата застапени во антологијата „Ветерот носи убаво време“ објавена пред една деценија, а денес едни од најприсутните автори на македонската книжевна сцена, иако и двајцата се со ангажман надвор од земјата, информираат од КИЦ - Скопје. По изнесувањето на заклучните согледби од трибината, ќе се одржи и поетско читање на дел од актуелните млади поетски гласови кај нас, оние кои всушност, денес се носители на новото време во македонскиот книжевен простор –  Андреј Ал-Асади, Ивана Јовановска, Викторија Ангеловска, Андреј Медиќ – Лазаревски, Марија Велинова и Диме Данов. Пред десет години, со антологијата „Ветерот носи убаво време“ се промовираше нов бран автори и поетики во македонката книжевност и се бараше простор за нив во македонскиот книжевен простор како тогашни носители на ново книжевно време. сх/мд/

Остани поврзан