• петок, 27 декември 2024

Третото издание на „Трка на поезијата“ на 21 мај во Струга

Третото издание на „Трка на поезијата“ на 21 мај во Струга

Струга, 7 март 2023 (МИА) - Во организација на атлетскиот клуб „Спортски Мостови“ на 21 мај годинава во Струга ќе се одржи третото издание на атлетската манифестација „Трка на поезијата“.

Според Марјан Туртуров, кој е дел од организацискиот тим, и годинава ќе се организира градска атлетска трка на 10 километри од натпреварувачки карактер и рекреативна трка на пет километри.

- Мотивирани од првото издание каде професионалните тркачи и рекреативците ни ја пружија цела доверба од самиот старт на организирање ваков масовен настан, втората година влеговме со многу поголема самодоверба, со олеснување на рестриктивните мерки од пандемијата и довербата несмеевме да ја губиме, туку само да ја надоградуваме кај нашите учесници, истакна Туртуров.

Тој потсети дека на второто издание од „Трка на поезијата“ учествувале 1.100 натпреварувачи во сите трки.

- Со многу љубов и желба успеавме да угостиме вкупно 1.100 учесници на второто издание на сите трки. Голема благодарност до Општина Струга и сите институции, спонзори и помагатели кои безрезервно се вклучија во реализација на овој прекрасен атлетски настан во Струга кој полека израснува во еден од најзначајните настани во самата општина, рече Туртуров.

Манифестацијата, нагласи, почна во екот на пандемијата, во 2021 година, а првото издание се одржа на 23 мај, кога низ струшките улици трчаа 623 учесници.

- Започнавме со пандемија и докажавме дека дисциплината и желбата за успех може да донесат одличен резултат за нас како организатори и за цела Струга. Успеавме да пречекаме и без никакви проблеми првата година да спроведеме настан достоен за Струга и за сите професионални и рекреативни атлетичари во Македонија, како и учесници од соседните земји од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, рече Туртуров.сс/бт/

 

Остани поврзан