• петок, 05 декември 2025

Трета група Авганистанци ќе пристигнат во Германија и покрај прекинот на програмата за прием

Трета група Авганистанци ќе пристигнат во Германија и покрај прекинот на програмата за прием

Берлин, 30 октомври 2025 (МИА) – Група авганистански граѓани добија одобрение да отпатуваат од Пакистан за Германија, што ќе биде трето такво префрлање на граѓани на Авганистан по промената на германската влада претходно оваа година.

Тие ќе патуваат со цивилен лет со префрлање во Истанбул, по што ќе се упатат кон Германија, јави ДПА.

Претходните групи Авганистанци беа одобрени за преселување во Германија според програмата за лица во особено ранлива положба. Тие пристигнаа во Хановер, а потоа беа испратени во различни делови на земјата.

Министерството за внатрешни работи во Германија повеќепати истакна дека сите одобрени Авганистанци биле проверени пред да влезат во земјата.

Многу авганистански семејства поминуваат месеци и години во Исламабад пред да добијат дозвола да отпатуваат за Германија. Во мај, новата влада на конзервативците во Берлин ја прекина програмата за прием на Авганистанци во ранлива положба.

Програмата даваше поддршка на локалните службеници на германските институции, на нивните блиски и на други луѓе за кои постои опасност да бидат прогонувани од Талибанците, како што се адвокати и новинари.

Некои Авганистанци сè уште добиваат визи и покрај прекинот на програмата, откако добија судски спорови во германските судови и добија право да влезат во Сојузната Република. Во некои од судските процесите, тие беа поддржани од организацијата за човекови права „Кабул ерлифт“.

Според германската влада, околу 1910 Авганистанци одобрени за влез во Германија сè уште се во Пакистан. Меѓу нив се 220 поранешни локални службеници на германски институции и нивни блиски, 60 лица вклучени во список за заштита на човековите права, 600 се одобрени според програмата за привремено сместување и околу 1030 според поопсежната федерална програма за Авганистан.

Во својот коалициски договор, германската влада наведе дека ќе ги прекине федералните програми за прием, како што се оние за Авганистан, и нема да објавува нови. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан