• петок, 27 декември 2024

Тренчевска: Преку постојан раст на пензиите и воведување на социјални услуги го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните

Тренчевска: Преку постојан раст на пензиите и воведување на социјални услуги го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните

Скопје, 25 февруари 2023

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во емисијата Трето доба на Македонската телевизија зборуваше за политиките и мерките кои Владата и Министерството за труд и социјална политика ги креираат и реализираат за подобрување на квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани, вклучително и повозрасните граѓани.

„Градењето на системски решенија кои на долг рок ќе даваат резултати е наша определба. Воспоставивме нова методологија за усогласување на пензиите, која ги следи двата индикатори односно растот на просечната плата и растот на трошоците за живот. Ова усогласување ќе се врши два пати во годината и ова значи постојан раст на пензиите,“ рече Тренчевска.

Министерката посочи дека, за година дена пензиите се зголемија за 16% а со усогласувањето во март пензиите ќе бидат за над 20% зголемени.

Таа зборуваше и за финансиската поддршка која како дел од антикризните мерки ја добија 330000 пензионери односно тие добија по 1000 денари за месеците март, април и мај или вкупно 3000 денари.

„Пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се дел од вториот пакет антикризни мерки согласно Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани за полесно справување со енергетската криза. Притоа, пензионерите со пензии до 11.525 денари добиваат по 1500 денари 4 месеци, а пензионерите со пензии од 11.526 денари до 14.000 денари по 750 денари,“ информираше Тренчевска.

Таа посочи дека и над 600 стари лица ја користат услугата помош и нега во домот, како дел од мерките кои ги спроведува министерството заедно со локалната власт и давателите на услуги. Придобивката е двојна и над 250 претежно жени се вклучени како даватели на услуги, кои се потешко вработливи лица, а со оваа услуга ги активираме на пазарот на труд. Услугата помош и нега во домот започна да се спроведува како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги со поддршка на Светска банка, а за да се обезбеди нивна одржливост тие преку управни договори продолжува да ги финансира министерството.

Во нашата држава постојат пет општински домови за стари лица и сместувачкиот капацитет е над 1000 лица. Покрај општинските, она за кое е надлежно МТСП е и надзорот на изградбата и работата на приватните капацитети, кои се околу 40 домови. Министерката упати повик до општините да аплицираат со идејни проекти за домови за стари лица, капитални инвестиции во кои може да инвестира и МТСП. Покрај Берово, во градба во моментов е и домот во Пробиштип.

На тема ментално здравје, министерката ја истакна важноста од подигнување на свеста за ова прашање и за повозрасните граѓани, но и за младите. Затоа во периодот кој следува преку разни можности и услуги ќе бидат вклучени во активности со цел подобрување на нивното здравје.  За таа цел се отворени и неколку центри за активно стареење , а во план се и отворање на нови. 2023 година ќе биде година посветена на менталното здравје.

Министерката зборуваше и за присуството на насилството во нашето општество. Таа посочи дека, насилството мора да се пријавува и не смее никој да се плаши од реакцијата на околината. 

-Навремено пријавено насилство, може да спречи и кобни последици, потенцираше Тренчевска. 

Министерство за труд и социјална политика

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан