• понеделник, 25 ноември 2024

Тренчевска: За да се воспостави родова еднаквост мора да се работи на елиминирање на насилството

Тренчевска: За да се воспостави родова еднаквост мора да се работи на елиминирање на насилството

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Наша цел е обезбедување посилна превенција од насилство, негово санкционирање, но и работа со сторителите на насилство, со цел елиминирање на можноста да се повтори делото. Ова го изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на промоцијата на Поимникот за родово базирано насилство со посредство на технологијата, изработен во рамки на кампања, со цел едукација и подигање на свеста за насилството, но, пред се подобро препознавање на насилството. Настанот беше во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА. 

Се дискутираше за дигиталното родово базирано насилство, за заштитните механизми и системи за поддршка, што ги нуди државата преку институциите, но и соработка со граѓанскиот сектор и меѓународните организации. 

Со развојот на технологијата, укажа Тренчевска, информациите брзо се шират.  Сведоци сме на злоупотреба на интернетот и дигиталните технологии за комуникација, за насилство врз жените, говор на омраза, сексизам, злоупотреба на фотографии и видеа и нивно фалсификување.

-Сведоци сме и кај нас преку социјалните мрежи колку често се шири говор на омраза и сексизмот кон жените и девојките. Жените и девојките се цел на навреди, а нивните слики и видеа се подложни на понижувачки сексуални дејствија без согласност. Токму затоа, наша заедничка обврска е да се бориме против ваквото кршење на човековите права на жените и девојките, нагласи министерката. 

Таа потсети и на кампањата „гласна и храбра“. 

- Како Министерство за труд и социјална политика, изминатиот месец март во рамки на кампањата гласна и храбра, бевме на терен во сите региони од државата, информираше министерката, нагласувајќи дека сознанијата од терен ќе бидат дел од креирањето на идните политики и мерки. 

За да се воспостави родова еднаквост во едно општество, како што порача, пред се мора да се работи на елиминирање на насилството. Се осврна и на законските решенија за санкционирање. Апелираше да се пријавува насилството и посочи дека Министерството продолжува со заложбите за унапредување на човековите права, еднаквост и борба против секаков вид насилство. 

Џон Кенеди Мосоти, директор на Фондот за население на ОН за Северна Македонија, посочи дека сериозно го сфаќаат онлајн насилството и имаат многу кампањи против насилство, се заблагодари за поддршката во активностите, на Министерството и Владата, на сопругата на претседателот Пендаровски.

Сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, пак, нагласи дека насилството во виртуелниот свет, иако не е физичко, подеднакво боли и остава трајни последици.

- Многу жени ширум светот доживеале некаква форма на родово - базирано насилство, извршено со злоупотреба на технологијата. Додека, девојчињата и девојките, младите жени, се особено подложни на тоа. Колку сме поинформирани за разновидните начини на кои што интернетот може да биде употребен, односно злоупотребен конкретно како алатка за насилство, толку полесно ќе биде тоа да се спречи, соодветно да се реагира и да се санкционира, подвлече таа.

Таа рече дека честопати многумина, особено младите, дури не се ни свесни за тежината на постапките на социјалните мрежи, се чувствуваат слободни и сигурни зад тастатурата да можат да загрозуваат друга личност, дискриминирајќи, навредувајќи, извршувајќи насилство, а тоа, како што истакна, мора да запре.

Ѓоргиевска им се заблагодари на сите кои отворено зборуваат за насилството што им се случило и со тоа ги охрабруваат и останатите жртви да не потиснуваат и да не живеат во страв.

- Доколку за нештата не зборуваме и не ги наречеме со вистинското име, не можеме да се бориме против нив, додаде Ѓоргиевска. бд/лв/

ФОТО: МИА

 

Остани поврзан