• вторник, 17 декември 2024

Тренчевска: Жените и мажите треба да имаат еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот​

Тренчевска: Жените и мажите треба да имаат еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот​
Скопје, 21 март 2022 (МИА) - Концептот на еднакви можности е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија, што значи дека жените и мажите треба да имаат еднакви права и  еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот. Ова е концептот со кој нашата земја беше и се уште е призната како лидер во регионот, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во обраќањето на 66. седница на Комисијата за статусот на жените на ОН во Њујорк. Како што информира Министерството за труд и социјална политика, Тренчевска во својот говор се осврнала на достигнувањата и предизвиците во оваа област, кои, како што рекла, се главна мотивација и фокус во натамошното работење. Таа ја истакнала силната решителност и поддршката за создавање поодржлива иднина за сите, што значи, преземање амбициозни климатски акции, препознавање и воведување на социјална правда и справување со родовата различност. Исто така, посочила дека во рамките на тој процес Министерството за труд и социјална политика во тесна соработка со партнерите, систематски ги анализирало родово базираните разлики и ранливости во секторите поврзани со климата. -Го започнавме процесот на градење на институционалните капацитети за вкрстување на родовата еднаквост и климатските промени, ги развивме македонските индикатори за родот и климатските промени во националните стратешки документи и ја воведовме  климатските промени како посебна стратешка област во новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година. Исто така го воведовме и концептот на родова еднаквост во Долгорочната стратегија за климатска акција и Законот за климатска акција. Почнувајќи речиси од нула, денес можеме да кажеме дека успеавме да воспоставиме повеќе од солидна основа и засадивме дрвца за родова еднаквост за намалување на емисиите на стакленички гасови, нагласила министерката Тренчевска.

Остани поврзан