• сабота, 16 ноември 2024

Треновски: Треба да видиме на кои општини треба да им се помогне, а кои треба да се санкционираат

Треновски: Треба да видиме на кои општини треба да им се помогне, а кои треба да се санкционираат
Скопје, 6 април 2022 (МИА) - Не е препорачливо да им се намират долговите на општините пред да се утврдат причините зошто определени општини влегле во фискална нестабилност, препорачува економскиот експерт и професор на Економскиот факултет во Скопје, Борче Треновски. - Во дел од општините имаме корупција, во дел имаме неефикасност, во други имаме правни процедури, во трети имаме криминал и додека не видиме која е основата не треба да им се подмири долгот. Треба да видиме на кои општини треба да им се помогне, кои општини треба да се санкционираат и на кој начин треба да се направи тоа. Со ан блок покривањето на сите општини што се случи претходно видовме дека дел од општините повторно ги зголемија своите обврски, изјави Треновски пред почетокот на церемонијата за потпишување Меморандум за соработка со втората група 24 нови партнер-општини во рамките на Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, насловена „Нови партенри и подобро општинско буџетирање“. Нагласи дека со конструктивен пристап може да се реши проблемот и да се донесат правилни одлуки. -Треба да почне да се размислува да им се даде некоја поголема фискална слобода на општините. Меѓутоа, пред да се направи тоа неизбежно е да се зголемат нивните капацитети. Анализиравме повеќе општини и видовме дека голем број од општините се соочуваат со значајни ограничувања. Кадровскиот  капацитет им е еден од клучните ограничувања. Се повеќе имаат одлив на кадар, се повеќе заминуваат луѓе, значи немаат квалитетни кадри и тие што ги имаат не може да им за завршат работата, пред се, во доменот на финансиите. Тој клучен предизвик со кадарот е поврзан и со другите предизвици, пред се, во делот на буџетирање, посочи Треновски. Денешниот настан, додаде, е поврзан со делот на финансирање на единиците на локалната самоуправа пред се со буџетирањето. -Од буџетирањето произлегува се. Непочитувањето на системските чекори предизвикува фискална недисциплина, поголеми долгови, поголеми обврски итн.  Се гледа дека во последните две-три години имаме малку поголема дисциплина во општините, односно реализацијата на планираните приходи и на планираните расходи е малку  поголема во однос на претходните 3-4 години. Почнувајќи од 2018 година гледаме некое придвижување дали заради унапредување на капацитетот, дали заради свесноста кај менаџерите, често и кај градоначалниците се гледа свесното влегување во долгови и обврски. Дури и тоа не може да се исклучи до крај. Значи, имаме определено напредување во делот на подобрување на управување со јавните финансии, меѓутоа се уште не е завршено тука, рече Треновски. Нагласи дека делот на извршување на буџетите на општините особено е ранлив. -Тука мора и Министерството за финансии и општините да преземат посебни мерки. Потребни се соодветни индикатори за рано предупредување пред определена општина да влезе во финансиска недисциплина, пред да се случат определени нерамномерности, какви што имаат развиените земји. Тоа се 15-20 индикатори кои сигнализираат дека општината влегува во финансиска недисциплина, дека нејзиниот долг расте, определени ставки се влошуваат драстично и тука треба да има некој механизам кој на општината ќе и побара соодветен отчетност, потенцира Треновски и додаде дека државата и Министерството за финансии треба да преземат поголема одговорност во делот на отчетноста на општините. Како голем проблем ја посочи и ревизијата, како внатрешната, така и државната ревизија. -Внатрешната ревизија во општините е девастирана. Само малку повеќе од половина од општините имаат внатрешни ревизори, а тие треба да дадат сигнал каде не чинат процесите внатре во општината. Од друга страна, државната ревизија направи определен исчекор за општините, меѓутоа и таа има ограничени капацитети. Има општини кои досега никогаш не биле предмет на ревизија, рече Треновски. При посетата на општините, како што кажа, дел од нив  посочиле дека сакаат кај нив да дојде државна ревизија бидејќи за дел од процесите не биле сигурни на кој начин треба да ги прават. -Затоа државната ревизија треба значајно да ги зголеми своите капацитети и во рок од 3-4 години да ги покрие сите општини. Ако се вложат капацитетите од државна ревизија и се прави таа ревизија на вложен 1 денар се враќа 10 до 15 пати повеќе средства во буџетот загубени од нерационалности, нерамномерности итн., што се покажа во развиените земји, појасни Треновски. вј/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан