• понеделник, 23 декември 2024

Трендафилов: Очекуваме зајакнување на капацитетите и департизација на јавниот сектор, во тој случај ќе дадеме поддршка

Трендафилов: Очекуваме зајакнување на капацитетите и департизација на јавниот сектор, во тој случај ќе дадеме поддршка

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Платите во јавниот сектор ќе растат по 15 проценти годишно во текот на наредните четири години и новата Влада треба да предвиди пари во буџетот, без изговори. Очекуваме зајакнување на капацитетите, да престане злоупотреба на вработените во јавниот сектор и да не се вработуваат партиски кадри. Во овој случај ќе ја имаат нашата поддршка, изјави денеска претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов, пред почеток на панел дискусијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

Тој напомена дека на настанот очекува од министрите да потврдат дека ќе има услогласување на платите од септември, но и дополнително зголемување на платите во наредната година, согласно колективниот договор за јавен сектор.

-Тука сме денеска на настанот да слушнеме од министрите дека ќе ги зголемуваат платите, бидејќи без плата нема ни работа во државата. Очекуваме дека тоа што ќе го кажат и министрите ќе значи усогласување на платите од месец септември оваа година, како и дополнителното зголемување на платите во наредната година кое ќе се случи согласно општиот колективен договор за јавен сектор, рече Трендафилов.

Тој напомена дека како Синдикат ќе дадат поддршка, но доколку се реализираат овие работи. Во спротивно, напомена, подготвени се на други чекори.

-Ние работниците сме изморени да слушаме изговори од нивна страна и очекуваме тоа што ќе го кажат денеска ќе значи – зајакнување на капацитетите, престанување на злоупотребување на вработените во јавниот сектор, департизација на јавниот сектор, да не вработуваат нивни партиски кадри во наредниот период и да ја зголемуваат јавната администрација. Сметам дека ние како Синдикат ќе бидеме подготвени во овој процес. Нашата поддршка ќе ја имаат само доколку ги направат овие работи, во спротивно ние синдикатите сме подготвени на други непопуларни чекори, додаде Трендафилов.бт/ац/

Фото: принтскрин

Остани поврзан