• петок, 05 декември 2025

Трајков: Секое дете заслужува пристојни услови за образование

Трајков: Секое дете заслужува пристојни услови за образование

Скопје, 21 мај 2025 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков денеска присуствуваше на меѓународната европска конференција во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, информираа од Министерството. 

Пред претставниците од европските земји, таа потенцирала дека целта на владините политики е овие деца полесно и побезболно да се интегрираат во системот и да ги реализираат нивните способности на најдобар можен начин. 

-Треба да создадеме простор за да може потенцијалот на децата со посебни образовни потреби да дојде до целосен израз. Како Влада работиме посветено на создавање предуслови за развој на сите деца, промовирајќи го концептот на интегрирано образование. Го застапуваме принципот-еднакви можности за сите и еднаков пристап до образование за сите. Ги подобруваме законските решенија за сите степени на образование и со тоа создаваме основа за генерации чие знаење ќе се темели на квалитет, а не на квантитет, порачала заменик-министерката Трајков. 

Таа се осврна на патот кон ЕУ и порача дека Македонија нема друга алтернатива, само со европските вредности земјата  може да оди напред. 

-Работиме на промоција и вградување на овие вредности во нашите политики во име на подобро утре за сите граѓани. И ако не создадеме услови за нивно доследно почитување, нема да успееме во нашата мисија за создавање на еднакво општество за сите, порачала заменик-министерката Трајков. 

На настанот, присуствувале 40 експерти и претставници од повеќе европски земји, кои разменија продуктивни идеи како да се подобри процесот на образование во нашата земја. сст/дма/

Фото: МЕП

 

Остани поврзан