Трајков: Жените имаат моќна улога во создавањето позитивни промени
- Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска се сретна со претставници на канцеларијата на UN Women и со Весна Ивановиќ Кастареде, раководителка на канцеларијата на UN Women во нашата земја.

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска се сретна со претставници на канцеларијата на UN Women и со Весна Ивановиќ Кастареде, раководителка на канцеларијата на UN Women во нашата земја.
На средбата, како што информира Министерството за европски прашања, се дискутираше за важноста на родовата еднаквост и улогата на жените во општеството, како и за можностите за унапредување на соработката меѓу институциите и UN Women во насока на подобрување на правата и економските можности на жените во Македонија.
Трајков ја истакнала важноста на поддршката на UN Women во спроведување на политиките за родова рамноправност и изразила подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката.
- Родовата еднаквост е основа за силно и стабилно општество. Само преку еднакви можности, можеме да изградиме посилна и поуспешна Македонија. Жените имаат моќна улога во создавањето позитивни промени, но неопходни се соодветни механизми и поддршка за нивно целосно учество, истакнала Трајков.
На средбата, како што се наведува во соопштението, се отворија и можности за идни проекти и иницијативи, кои ќе се фокусираат на економско зајакнување на жените, поддршка за женското претприемништво и подобрување на законодавните и институционалните капацитети во насока на заштита на женските права. мд/са/
Фото: Министерство за за европски прашања